Фондот за здравствено осигурување ја реализира исплатата на надоместокот за породилно отсуство и на капитациите за матичните лекари без прекин. Ова го соопшти денеска генералниот директор на Фондот, Сашо Клековски.

Тој наведе дека исплатите за породилно отсуство се одвиваат редовно. За ноември се исплатени повеќе од 6.600 надоместоци.
„Правиме анализи и согледувања дали има заостанати исплати бидејќи бројот на исплатени породилни отсуства секој месец варира. Немаме константен број. Можниот обем во декември е решен со прераспределбата во буџетот. Позицијата за породилни отсуства е зголемена и кај нас и во Министерството за економија и труд. Ова е поради раст на вкупниот број исплати поради зголемувањето на платите, а не поради зголемување на бројот на родени бебиња и породилни отсуства“, истакна Клековски.

Во однос на коментарите дека има доцнење со капитациите за матичните доктори, Клековски рече дека исплатите се реализираат навремено.
„Од редовноста во исплатата од јули 2024 година може да се види дека Фондот за здравствено осигурување се придржува на договорените обврски. Тоа е исплата во рок од 60 дена од доставената фактура на матичните лекари. Исплатата за ноември од 493 милиони денари во моментот се реализира. Од исплатите за матичните лекари може да се види дека ветеното зголемување од 33 отсто на капитациите на матичните лекари е исполнето“, посочи тој.

На крај додаде дека денеска во системот се активни 948 договори за општа медицина, 972 за општа стоматологија и 149 за гинекологија.