Бројот на новопријавени граѓани со стомачни тегоби во Гостивар не се намалува, а во последните 24 часа повторно биле евидентирани меѓу 250 и 300 случаи. Министерот за здравство Сашко Клековски изјави дека анализите на водата треба да бидат готови утре, но нагласи дека за утврдување на точниот причинител на епидемијата клучни ќе бидат и епидемиолошките анкети со заболените граѓани.
Клековски посочи дека вчера околу 100 пациенти биле прегледани на детското одделение и уште 160 на Инфективното одделение. Денеска бројката на Педијатрија била слична, додека на Инфективното одделение биле примени околу 200 пациенти.
„Трендот на новопријавени граѓани со стомачни тегоби во Гостивар не опаѓа и во последните 24 часа имаме нови пријавени. Бројката се движи околу 250 до 300 случаи дневно. Вчера имаше сто на детското одделение и 160 на Инфективниот оддел. Денеска имаме слична бројка на детското одделение и околу 200 на Инфективниот оддел“, изјави Клековски.
Тој потсети дека денеска е прогласена епидемија, но рече дека здравствените власти ги спровеле мерките предвидени за ваква состојба уште пред нејзиното официјално прогласување. Клековски додаде дека во Македонија претходно имало епидемии на морбили и на други болести, но дека не успеал да најде случај во кој била прогласена епидемија поради труење со вода или храна.
Според него, клиничката слика кај најголем дел од пациентите е лесна. Најчести симптоми се дијареја и повраќање, поретко покачена температура и треска, додека речиси сите пациенти имаат дехидратација. Здравствениот третман главно се состои од рехидратација, инфузија и терапија во зависност од симптомите.
„После примена на инфузија се испуштаат дома, малкумина се задржуваат. Ми се чини вчера беа три деца што се задржани преку ноќ, а денеска се неколку возрасни пациенти задржани и тоа се генерално возрасни пациенти со други болести, каде што заради претпазливост и дехидратацијата се задржани во болница“, рече Клековски во гостувањето на Сител ТВ.
Тој истакна дека сите пациенти се примаат во Општата болница во Гостивар и дека установата ги има сите потребни лекарства. За да се обезбеди доволен број медицински лица, во болницата се врши ротација на лекари од другите оддели.
Клековски објасни дека паралелно се спроведуваат и сите неопходни лабораториски испитувања. Пациентите се упатуваат на анализа на фецес, им се земаат потребните примероци и се повикуваат на епидемиолошки анкети, преку кои треба да се утврди евентуалната поврзаност меѓу заболените и можниот извор на проблемот.
„Во основа може да се воспостави врската помеѓу пациентите и со можниот извор на проблемот“, рече министерот.
Во врска со фактот дека и по три дена од објавувањето на случајот и препораката да не се користи водата сè уште се појавуваат нови пациенти, Клековски повтори дека епидемиолошките анкети се неопходни за точно утврдување на причинителот.
Тој се осврна и на критиките што ги добил затоа што претходно ја споменал храната како можна причина. Како што рече, здравствените власти мора да ги разгледаат сите можности и не смеат однапред да прогласат виновник.
„Во демографијата и географијата на загрозените има од најмали деца до највозрасни луѓе. Има од повеќе населени места кои меѓу другото користат и други водоводи, не само овој гостиварски, има Чегране или Дебреше или други населени места и поради тоа е неопходно да се прават тие епидемиолошки анкети“, рече Клековски.
Тој додаде дека, според сегашните податоци за возраста, местото на живеење и бројот на заболени, алиментарната инфекција, односно инфекција предизвикана од храна, се исклучува како можност. Сепак, предупреди дека институциите мора да бидат внимателни и да не избрзуваат со заклучоци, затоа што во спротивно може да не бидат спроведени сите потребни истраги.
Клековски потсети дека слична состојба во Гостивар имало и во 2017 година, кога биле регистрирани неколку стотици заболени, но причинителот не бил утврден.
„Мојот настап беше дека според сегашните епидемиолошки податоци храната како можност е исклучена, алиментарен гастроентероколит е исклучен. Значи, за да се потврдат другите опции мора да завршат истрагите што ги води Институтот за јавно здравје“, рече министерот.
Анализите на водата, според неговата најава, треба да бидат готови утре. Тие се прават од Институтот за јавно здравје по барање на Јавното обвинителство, па затоа резултатите ќе ги соопшти Обвинителството.
„Пристапуваме со максимална одговорност и не сакаме да избрзуваме со заклучоци. Анализите на Институтот за јавно здравје се по барање на Јавното обвинителство. Во основа, резултатите ќе ги соопшти Јавното обвинителство“, нагласи Клековски.
Во однос на сомнежите дека приклучувањето на пумпите е главната причина за епидемијата, тој рече дека веќе е издадена препорака водата да не се користи, а спорните пумпи биле ставени надвор од употреба веднаш по утврдувањето на состојбата.
Клековски повторно повика да не се изнесуваат заклучоци пред да заврши истрагата и оцени дека случајот не треба да се користи за политички препукувања. Тој одговори и на критиките дека институциите не реагирале навреме, посочувајќи дека кога првите пациенти се појавиле на 13 јули, инфектолозите во болницата не можеле да знаат дека бројот на заболени ќе стане толку голем.
Министерот ги отфрли и тврдењата дека изјавил оти нема услови за прогласување епидемија.
„Ниту јас, ниту некој друг, освен епидемиолозите, не е надлежен да прогласи епидемија“, рече Клековски.
Како новоназначен министер за здравство, тој ги наведе и приоритетите во својот мандат. Според него, треба да се подобри пристапот до лекови и во аптеките и во болниците, да се унапредат физичката и техничката инфраструктура на јавното здравство и да се зголеми бројот на здравствени работници и да се подобрат условите во кои тие работат.
Клековски рече дека повеќе од пет или шест години бројот на здравствени работници во јавното здравство се намалувал, а падот бил запрен дури во 2025 година. Тогаш бројот на вработени, според него, се зголемил од околу 18.000 на 18.900, со вработувањето на првата група специјализанти и на околу 300 лица кои претходно работеле со договор.
Тој најави дека привршуваат и подготовките за вработување на втората група специјализанти. Процесот, како што рече, не зависи само од политичката волја, туку бара усогласување на систематизациите и совпаѓање на потребите на болниците со специјализациите на кандидатите.
„Тоа преклопување на потребите и понудата, условно да кажам, е во завршна фаза и се надевам дека наскоро ќе можеме да објавиме дека ќе започне реализацијата“, заклучи министерот за здравство.
