Пожарот што избувна на депонијата кај струмичкото село Добрашинци е локализиран, но противпожарните екипи и натаму остануваат на терен поради опасност од повторно разгорување. Од Територијалната противпожарна единица Струмица апелираат граѓаните да останат смирени, да не шират непроверени информации и да ги следат официјалните известувања.

ТППЕ Струмица е ангажирана на интервенцијата уште од раните утрински часови. На терен се распоредени две противпожарни возила и шест пожарникари-спасители, кои континуирано работат на локализирање и целосно ликвидирање на пожарот.

Во гаснењето активно е вклучено и ЈПКД „Комуналец“ – Струмица. Нивната механизација ја затрупува депонијата со цел да се спречи повторно активирање на жариштата.

„Пожарот е локализиран, но поради специфичноста на пожарите на депонии, екипите и понатаму остануваат на терен и работат на негово целосно гаснење и обезбедување на локацијата. Апелираме до граѓаните да останат смирени, да не шират непроверени информации и да ги следат официјалните известувања. Воедно, ги повикуваме сите на совесно однесување и избегнување активности што можат да предизвикаат нови пожари“, се наведува во објавата на струмичките пожарникари.

Од ТППЕ Струмица посочуваат дека ќе продолжат да ја следат состојбата сè до целосно гаснење на пожарот и навремено ќе ја информираат јавноста за понатамошниот развој на настанот.