Претседателот на Синдикат на полицијатаво Македонија, Орце Коцевски смета дека коруптивното однесување на раководителот на смена на граничниот премин Блаце, Шкрета Елхам не можело да се случи а притоа за тоа да не знаел командирот, началникот или други повисоки структури.
Вели, поединечни случаи кога граничните полицајци се обидуваат да земат мито се многу ретка појава.
За Коцевски ова е невиден скандал и со ова се потврдува и докажува дека „професионалната“ и задоволната полиција на Министерот Спасовски е само на хартија.
Сето ова се должи пред се на недоволни превентивни контроли на внатрешната контрола, малите плати во Полицијата, немање никакви обуки, фиктивни контроли на раководители со години, додава претседателот на СПМ, Орце Коцевски.
Лидер: Регионот го тресе скандал по објавата на Албанската телевизија Клан која синоќа во емисијата „Стоп“ објави видео на кое се гледа како раководителот на смена на граничниот премин Блаце, Шкрета Елхам, зема 120 евра од државјани на Албанија кои ја минуваат границата.Како го коментирате вие овој случај?
-Ова преставува срам за Македонската полиција. Ова е невиден скандал. Ова потврдува и докажува дека „професионалната“ и задоволната полиција на Министерот Спасовски е само на хартија, само во неговата глава за само во јавноста да преставува и манипулира дека нема до сега подобар Министер за внатрешни работи од него. Од ден на ден маските паѓаат и тек допрва ќе се чуствуваат последиците од „владеењето“ на неговите поставени раководители. Ова беше прашање на време само кога точно ќе избие ваков скандал. Многупати реагиравме, писмено, со прес конференции за професионализација на Полицијата но досега за жал никој нема слух.
Лидер: Дали со ова се руши репутацијата на граничната полиција?
-Овој настан е само еден од многуте примери со кои се урива имиџот на граничната полиција. Овој настан е сериозен потрес за што од денес многумина раководители мора да си го стават прстот на глава за да размислат што конкретно они сториле за да нема вакви девијантни појави. Од ден на ден МВР како Министерство го тресат многубројни скандали и време е Министерот Спасовски заедно со неговите советници да се преиспитаат на кого се тоа му дале доверба да раководат со организациските единици во Министерството.
Лидер: Значи ли ова дека на граничните премини работат само корумпирани полицијаци?
-Па ние како Синдикат нема целосно да се согласиме дека на граничните премини работат единствено корумпирани полицајци. Темата за корупцијата не е воопшто нова и Спасовски тоа го изјави во вчерашното гостување на телевизијата Телма. На граничните премини работат и полициски службеници кои чесно си го заработуваат лебот, онаа основна плата која е пониска од загарантираната минимална плата од 18.000 денари. Но за жал има и вакви примери како овој на ГП Блаце. Не сакам да кажам дека вакви појави нема и на други места. Сето ова се должи пред се на недоволни превентивни контроли на внатрешната контрола, малите плати во Полицијата, немање никакви обуки, фиктивни контроли на раководители со години и слично.
Лидер: Раководителот на смена на граничниот пункт Блаце е упасен, се очекува акцијата да продолжи и да има и други апсења. Одделот за внатрешна контрола во координација со надлежното обвинителство уште од ноќеска интензивно работи на расчистување и санкционирање на случај со земање на мито од страна на полициски службеници на Граничниот премин Блаце. По расчистување на случајот и санкционирање на сторителите, соодветно ќе ја информираме јавноста, стои во соопштението на МВР. Како државата да спречи вакви коруптивни однесувања?
-Дали Македонија како држава може да спречи вакви коруптивни однесувања, ние сметаме дека може. Пак ќе повторам контролата во полицијата од страна на високите структури во Полицијата одамна е „мисловна“ именка, во превод ја нема. Полициските службеници се оставени на „милост и немилост“ сами. Со години наназад не само на граничните премини туку и во другите организациски единици се вршат само „фиктивни“ контроли ради реда, чест на исклучоци. Немањето никаква обука, основната плата под минималец, непочитување на хиерархијата, преголемата партизација почнаа да си го земаат данокот и тој веќе излегува на површина.
Лидер: Делува ли граничната полиција заедно со “врхушката“ на МВР?
-Ова за да го потврдиме дали е така или не е така, во моментот немаме конкретни сознанија. Но јавноста и Вие како медиум мора да имате во предвид дека не може нешто да се случува некаде ако претходно немате „амин“ од високите полициски структури во МВР. Значи не е можно вакви работи да се случуваат или случувале а притоа да не знаел командирот, началникот или други повисоки структури. Поедонечни случаи се многу ретка појава. Ова е јавна тајна. Пак ќе повторам, вината не е од денес, не е од вчера. Со години овие проблеми наведени погоре се наталожуваа и сега се во стадиум кога никој повеќе нема контрола. Време е во МВР конечно да започнат реформи, време е за повисоки плати, време е за криминалците надвор од Полицијата, време е конечно со МВР за завладеат професионалци.