Националниот дата-центар најверојатно ќе биде изграден во близина на двете скопски технолошко-индустриски зони, кај Бунарџик, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Локацијата е парцела без плодно земјиште, а располага и со доволно простор за евентуална иднина изградба на фотонапонска централа од која податочниот центар би добивал електрична енергија.

Локација со повеќе предности

Андоновски посочи дека избраната локација се наоѓа во близина на Скопје, на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, како и во близина на автопат и оптичка линија.

„Се наоѓа во близина на Скопје, во близина на Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 и 2, се наоѓа во близина на автопат, во близина на оптичка линија, така што најверојатно центарот за податоци ќе биде сместен таму“, вели Андоновски.

Државни средства и грант

Изградбата на Националниот дата-центар ќе се финансира со државни пари, но проектот има и 30% грантова компонента. Владата сега има задача да најде меѓународен финансиер, откако стана јасно дека Светска банка нема да може да ги обезбеди средствата поради некомпатибилност со барањата на Европската Унија.

„Разговараме со различни финансиери коишто се компатибилни со барањата на Европската Унија за ваков вид проекти. Овој процес е нов и за ЕУ. Планот за раст е една нов механизам којшто тие го користат за финансирање. Така што, тоа ќе бидат некои од меѓународните финансиски институции. Ние имаме добра соработка со голем дел од нив. Не сме имале проекти досега, имаме само еден со кој сме во напредна фаза на дискусија со Банката на Советот на Европа. Така што, разговараме со нив, разговараме со други некои потенцијални финасиери. Ќе видиме во периодот којшто следи од кого ќе добиеме најдобра понуда и кој ќе биде заинтересиран за соработка, вели Андоновски.

Проект од 20 милиони евра

Националниот центар за податоци ќе чини 20 милиони евра. Од оваа сума, 30% се наменети за опремата, додека останатите 70% ќе бидат за изградбата на објектот.

Владата сепак остава можност да бидат потребни и повеќе средства, во зависност од цените на хардверските компоненти во иднина.

Опремата ќе се надградува

Проектот е планиран како модуларен, што треба да овозможи негово дополнително опремување преку реформска агенда или други проекти, како и колокација на опремата на постојните институции или употреба на вештачката интелигенција.

„Модуларно го планираме проектот да ни дозволи да со реформска агенда плус или со некои проекти го доопремиме. Дали во делот на колокација на опремата на постојните институции или пак употреба на Вештачката интелигенција. Но така ќе биде дизајниран податочниот центар што ќе ни дозволи и надградба на нова инфраструктура кога за тоа ќе има можност. Некои најави од компаниите коишто ги слушам дека цените на хардверската опрема се очекува да стагнираат и да паѓаат во периодот којшто следи. Така што, ќе го искористиме тој период 2027 – 2028 за набавка на опремата – вели Андоновски.

Единствениот резервен центар е во Прилеп

Македонија во моментот поседува само еден резервен дата-центар, кој се наоѓа во Прилеп и е под надлежност на Министерството за внатрешни работи.

По изградбата на Националниот дата-центар ќе следи процес на мигрирање на податоците од сите државни институции.