Бизнисот и политиката имаат многу сличен начин на функционирање и токму затоа толку често одат рака под рака во заеднички походи – често и корупциски.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Во двете сфери важно е да испорачате резултат, да имате добар маркетинг, да го продавате вашиот продукт што е можно повеќе и да им испорачате резултат на сопствениците – кај бизнисот, односно на граѓаните и членовите (кај нас најмногу на членовите) – во партиите.

Во двата случаи на вашите купувачи им продавате приказни дека треба да го купат вашиот продукт затоа што е добар за нив, иако вас суштински ви е најважно тој да донесе профит за акционерите. Честопати мора да го подигнувате квалитетот на продуктите за да успеете да се борите со конкуренцијата – а кога конкуренција нема – немате никакви етички задршки да протнете производи со послаб квалитет по повисока цена.

Кога има многу конкуренција, согласно пазарните правила во бизнисот ја намалувате цената за да бидете конкурентен, односно настанува феноменот на дефлација, а политичката форма на дефлација е тоа што станувате што е можно повеќе популист и ветувате многу, многу, многу повеќе.

Квалитетот може да падне и со многу конкуренција, затоа што тогаш пак може да се случи во борбата со дефлацијата да се користат поевтини репроматеријали кои продуктот го прават помалку квалитетен. Во политиката дефлацијата се манифестира како натпревар во тоа кој ќе излаже повеќе.

Од друга страна, кога нема понуда продуктот поскапува, односно настанува инфлација, аналогија на инфлацијата во политиката е тоа што во недостиг на конкуренција може да си дозволите да спроведете политики кои не мора да се многу популарни и повторно да сте конкурентен. Токму затоа најдобро во бизнисот и во демократијата е кога квантумот на разликата помеѓу понудата и побарувачката ќе се приближат до слична вредност, што во економијата се нарекува еквилибриум.

Најголемата разлика е во валутата. Успехот на бизнисот се мери во тоа колку пари сте заработиле, а во политиката колку гласови сте добиле. Иако да бидам искрен, современата историја на нашата земја длабоко ме демантира па кога ќе ги видам имотите на поранешните политичари, оваа моја теорија е на стаклени нозе.

Сепак, заедничко во бизнисот и политиката е тоа дека доколку оставите празен простор, ќе се наруши односот на понудата и побарувачката и некој на долг рок сигурно ќе го пополни тој пазарен простор и пазарот повторно ќе стигне до состојба на еквилибриум.

Доколку правиме анализа на понудата и побарувачката на политичката сцена во Македонија, очигледно е дека СДСМ има оставено огромен празен простор во левиот центар. Да, јасно е како бел ден дека имаме сериозен проблем со нарушена понуда. Ова може да отвори простор за три многу важни трговско-политички феномени.

Прво, очигледно дека е штетно, затоа што оставена без конкуренција власта може да почне со монополско однесување да ни продава политики со сомнителен квалитет – нешто што засега, да бидам искрен не го гледаме.

Второ, можно е да ја дочекаме политичката форма на инфлација и власта да почне да носи мерки кои се непопуларни но и покрај тоа да опстојува, и трето, може да очекуваме да се појават нови играчи кои би сакале да го пополнат политичкиот пазар.

Прашањето кое ме мачи уште од првата половина на минатата година кога видов дека СДСМ ќе ја има судбината на компании како Кодак, Блекбери и Нокија кои исчезнаа од технолошката сцена е: Кој ќе го заземе нивното место?

Левица не е закана, затоа што Левица не сака да учествува на пазарот и да ги користи традиционалните валути. Политиката на Левица е како да сакате да ги победите големите трговски ланци со тоа што ќе отворите пазар на отворено со прифатливи цени на 100 километри од градовите и во него ќе наплаќате само со биткоин. Ќе има луѓе кои ќе патуваат 100 километри од градовите за да купат евтини и фетишизирани продукти со биткоин, односно и вие ќе имате некаков пазар, ама генерално нема никогаш ни приближно да станете закана за големите трговски ланци.

Димитар Апасиев води партија со сериозно гласачко тело, но, не учествува на пазарот и очигледно е дека нема намера да стане конвенционален маркет. Токму затоа, ќе продолжи да живее на маргините и додека таа политичка партија е водена од него, никогаш нема да излезе од крипто-светот. Може да оди само надолу, затоа што кога и да е ќе ви се смачи да возите 100 километри за со биткоин да купите дрангулии.

Како алтернатива се обидуваат да се наметнат зелените движења кои полека се наметнуваат во предизборниот простор за претстојните локални избори. Баукот околу нив според мене е неоправдан и токму затоа сметам дека тоа што нивната политичка конкуренција им создава правно-политички предизвици е неоснована пазарна параноја. Бизнис моделот на овие луѓе е како на мали пиљари за здрава храна кои продаваат скапи продукти. Со цедени сокчиња, смутиња и врапови со авокадо и цвекло (бљак) – вие не може да ги победите Кам, Веро и Тинекс..

Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров се обидуваше да направи некаков тинк-тенк кој требаше да стане политичка сила, но и тоа некако исчезна. Впрочем ширењето на движењето на Никола Димитров застана кај вториот член (неговата партнерка), трет член до сега не сме виделе.

Од Димитров полоша иднина има само движењето за Нова Република на Ивон Величковски кое се уште се бори да стигне до вториот член. Можеби по оваа колумна некој ќе се охрабри и ќе ја заземе таа позиција.

ЛДП отсекогаш биле симпатична опција, но долгата коалиција со СДСМ ги направи пазарно неупотребливи за ништо друго, освен можеби да направат спојување со владејачкиот блок.

Па добро, тогаш, кој ќе го замени СДСМ кој очигледно исчезнува? – искрено не знам и не можам да видам брод кој доаѓа кон брегот. Знам само дека некој субјект некогаш ќе го замени, само не знам кој и кога!

Во секој случај јасно ми е дека СДСМ е минато. Претходниот менаџмент на таа компанија не успеа да создаде буквално никаква иднина, а во моментов со бизнисот владее стечајна управа. СДСМ е жртва на сите 5 лоши продукти кои ги лансираше во последните 7 години, а тоа се: промената на името, договорот со Бугарија, давањето на големи удели кај ДУИ и мега корупцијата. Замислете во колку лоша состојба би бил Епл доколку последните 5 серии на Ајфон им се ваква катастрофа? Од катастрофа не би можел да се спаси и гигантот од силиконската долина, камоли она претпријатие без стратешка определба, кое сега не може да им понуди клиентелизам на своите членови. Впрочем, зарем вие би вложиле во компанија која неколку години не може да расчисти со претпоследниот менаџмент кој ја владее во сенка? (се мисли на трговецот над трговците).

Оваа пазарна анализа ја завршувам со констатацијата дека политичката инфлација му обезбедува сигурен монопол на Христијан Мицкоски во наредните години. Којзнае, можеби за да дојде ре-старт на системот потребно е тој да има ваков монопол за да може да ги спроведе клучните непопуларни мерки кои ќе го направат нашиот живот подобар.

Во меѓувреме останува да видиме дали нешто ново ќе се појави на пазарот.