Група јавни личности, професори, интелектуалци, како и најголемата политичка партија ВМРО-ДПМНЕ ја поддржаа Гордана Силјановска Давкова. За неа може многу да се говори. Позната по својот жесток наратив и опозициско расположение кон владите низ минатото таа е позната по својата експертска дејност во областа на правото.

Во 2019-та година во тесна битка загуби од претседателот Стево Пендаровски, тогаш како натпартиски кандидат. Но, нејзината борба не застана таму и последниве 5 години како пратеник активно се бореше за правата на Македонецот од законодавниот дом.

Која е Гордана Силјановска Давкова?

Нејзината кариера започнува како министер без ресор од 1992 до 1994 година во првата влада на Македонија. Претходно била и член на Уставната комисија на Собранието на Република Македонија во 1991 година која презеде значајни чекори во независноста на земјата. Докторирала со почести во 1993 година на Универзитетот во Љубљана. Основач е и на првиот Совет на европско движење во Македонија. Во периодот од 2012 до 2016 беше и член на Веницијанската комисија за малцински прашања. Во тој период секогаш застанувала на страната на стундетите. Денес е пратеник од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како и редовен професор на правниот факултет во Скопје, во Институтот за правни и политички науки. Автор е на над 200 научни трудови од областа на уставното право, како и член на бројни домашни и меѓународни институти и правни асоцијации. Сепак, она по кое најмногу се истакна е со нејзините активности во рамките на Собранието на Македонија.

Активности во Собранието:

Национален совет за евроинтеграции, член
Комисија за еднакви можности на жените и мажите, претседателка
Комисија за уставни прашања, член
Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, член
Комисија за образование, наука и спорт, член
Комисија за европски прашања, заменик-член
Делегација на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ПС ОБСЕ), заменик-член

Надеж за правда на Македонија

Професорката Гордана Силјановска Давкова е решението за претседател на Македонија. Жена со принципи која непоколебливо верува во правдата, во вредностите и во Македонија. Која има свој став, кој може да му се допаѓа некому или не, но таа до крај се бори за него, затоа што верува во него. Гордана Силјановска Давкова покажа лојалност кон своите принципи и е еден од најдобрите експерти и познавачи на уставното право и политичкиот систем, работи кои овие години најмногу ги газеше оваа власт. На Македонија ѝ треба претседател, а не измеќар на ДУИ.

Критичар на двојазичноста

Низ годините Силјановска зазема цврст став со Закон за употреба на јазиците со кој де факто се воведува двојазичност во Македонија на повеќе нивоа вклучувајќи ги сите институции. Таа е еден од фронтмените против двојазичноста низ државата.

„Ако моите родители биле тепани да пишуваат и зборуваат на српски јазик, ако баба ми и дедо ми исто така морале да зборуваат бугарски јазик едно време, таа асоцијација е лоша, а богами за владеење на Втората светска војна во западниот дел на Македонија и документите и актите биле на албански јазик. Значи заканите не можам да ги разберам бидејќи ние и од говорница чувме дека „Ако не сакате , ќе морате да го учите“, велеше Сиљановска Давкова.

Борец против Преспанскиот договор

За неа Преспанскиот договор е неприфатлив и покажува дека Македонија е земја во распаѓање која се ставила во подредена улога на Грција со дозвола да и се мешаат дрско во внатрешните прашања и вели дека „покраината Македонија во Грција веќе го прогласи Солун како главен град на Македонија“ и тоа пред странски гости (на парадата во Солун на 28 октомври н.з.) и притоа истакна дека ние ќе го изгубиме најважното – придавката „македонски“. Таа во обемна правна анализа на договорот за решавање на спорот за името потенцира и дека уставните измени кои се преземаа се недозволиви, грубо кршење на сите принципи, а дека се навлегува целосно во промена на „историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот“.

Против покачувањата на плати за функционери за 78 отсто

Се срамам што предавам право, не сум сонувала дека може за три саати да се донесе закон. Им се извинувам на граѓаните ако нешто повторувам од комисијата, ама пред еден час заврши, побрзи од ветар сте во одбраната на корупцијата и криминалот, вели пратеничката Гордана Силјановска Давкова во врска со експресно донесените измени на Кривичниот законик со 48 гласа за, 36 против и еден воздржан.

Измените на Кривичниот законик предвидуваат бришење на кривичното дело за злоупотреби на државни пари во тендери, како и намалување на максималната казна затвор за злосторничко здружение од 10 на 3 години, а кои ќе ги опфатат сите неправосилни случаи, започнати постапки и евентуални идни истраги.

„Во комисијата за антиевропски прашања бев сведок на убиство на правото и правдата. Може ли да замислите да се смени кривичен законик за неколку часа? Јас не можев да го замислев до ден денеска. Што се случи? Чинам дека како да одиме во чекор со криминалот и корупцијата или ако сакате денеска измените на законот беа токму можеби и побрзи од корупцијата и криминалот поточно обезбедија нејзина заштита. Држава која важи за држава со најспора правда речи недостижна има најбрза постапка згора именувана како експертска“, истакна пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова на собраниска седница во текот на 2023-та година.

Ја опишуваат како „силна жена“

Жена со знаење, став и лидер кој ги најавува промените што сите ги очекуваат. Вака ја опишуваат нејзините сопартијки, но и останатите јавни личности.

„Чест ми е да говорам за професорката Гордана Силјановска Давкова, особено што изминативе 4 години во парламентот таа беше една од нашите најпочитувани колешки, сите знаеме дека е една од најдобрите професорки на Универзитетот Кирил и Методиј на Правниот факултет „Јустинијан Први“ тоа може да се слушне и од устите на правници кои што се од противничкиот табор што е доволно признание за квалитетите на нашата кандидатка за претседател но она на кое што јас се восхитувам кај професорката Гордана е начинот на кој што таа се вложуваше во парламентот при доаѓањето на секој предлог на закон и таа како експерт знаеше точно кои поенти да ги провери да ги проследи да ги анализира да направи нејзина статистика. Но јас и се восхитувам и на начинот на кој што тоа таа успеваше да го долови на еден народен јазик за да ја разбереме суштината на нејзините забелешки тој нејзин став секогаш јасно и гласно го кажуваше“, нагласи Дафина Стојаноска за неа.