Шеклер рече дека вакцините на кинескиот производител Синофарм ги тестирале американски лаборатории и потсети на изјавата на еден од американските вирусолози од Универзитетот во Мериленд од минатата недела дека сите источни вакцини се безбедни и ефикасни и дека тоа се однесува на кинеските, индиските и рускиот Спутник V.

-Тоа е класична вакцина, експертите од Кембриџ и Оксфорд велат дека кинеската вакцина е најотпорна на мутации, бидејќи содржи цела честичка на вирусот, рече Шеклер за ТВ К1.

Коментирајќи ја изјавата на раководителот на кинескиот центар за контрола и превенција на болести Гао Фу дека поради ниската ефикасност на кинеските вакцини, се разгледува комбинацијата на вакцини против ковид-19, Шеклер рече дека кинеската вакцина Синофарм побавно создава имунитет отколку западните инстант- вакцини кои се засноваат на еден антиген.

-С протеинот е силен антиген, но бидејќи тие фрлија сè на една карта, можно е, ако тој протеин значително се промени, ефикасноста на таа вакцина драстично ќе се намали, бидејќи не произведува други антитела, објасни Шеклер.

Тој додаде дека ефикасноста на вакцината Синофарм е до 86 проценти, со Синовак околу 50 проценти, а вакцината против сезонски грип е до 62 проценти.

Шеклер изјави дека во Кина, Синовак, произведен од приватна компанија, најмногу се користи за вакцинирање и дека државната вакцина Синофарм најмногу се извезува и дека има податоци дека е многу поефикасна од Синовак.

-Синовакот се користи во Турција и претежно во земјите од Јужна Америка, додека Синофарм се користи во повеќето богати арапски земји кои вработуваат најдобри вирусолози и микробиолози од Западот во своите лаборатории и нивните резултати се многу задоволителни, рече Шеклер.