Неофицијално, 11 лица се пренесени во штипската болница
Повеќе лица се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила вчеравечер на магистралниот пат Свети Николе – Куманово, каде што се судриле комбе и камион. Во спасувачката акција интервенирале пожарникари, кои ги извлекувале повредените од возилата, по што тие биле предадени на екипите на Итната медицинска помош.
Од Територијалната противпожарна единица Свети Николе соопштија:
„Интервенцијата била реализирана на 19 јуни во 21:02 часот, кога на местото на несреќата било испратено едно противпожарно возило. Пожарникарите учествувале во спасувачката акција, при што извршиле извлекување на повредените лица од возилата. По укажаната прва помош на терен, повредените биле предадени на екипите на Итната медицинска помош за понатамошен третман и транспорт до здравствена установа. Од Пожарна Свети Николе апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и да ја приспособат брзината на движење кон условите на патот, со цел да се намали ризикот од сообраќајни незгоди и да се заштитат човечки животи.“
Неофицијално, единаесет лица биле пренесени во Клиничката болница во Штип, каде што им била укажана лекарска помош.
Во текот на денот се очекува официјално соопштение од Министерството за внатрешни работи.
