Во Сојузот на синдикати на Македонија утрово се одржа комеморација за претседателот на ССМ Дарко Димовски, кој вчера по кусо боледување почина на 45-годишна возраст.

-Соборци и пријатели, Вие што добро го знаевте Дарко и вие што го гледавте во првите редови на протестите. Се собравме да го испратиме нашиот другар и брат на последниот пат, во вечноста каде замина прерано, и затоа нашата загуба е уште поголема. Изразуваме длабока жалост и сочувство до семејството. Празнината што сите ја чувствуваме, е неопислива, рече Игор Герасов во име на ССМ.

Тој истакна дека Димовски зад себе остава големо наследство и оти тој беше идеолог и човек кој го посвети својот живот на другите.

-До последен здив се бореше за правата на оние кои ги немаа, ниту пак сами можеа да ги добијат. Заминува како претседател на најголемиот синдикат во државата, што под негово водство стана уште поброен и уште помоќен. Но, неговата борба за работниците, да бидат платени за тоа што го работат и да бидат почитувани како луѓе, беше долга повеке од 20 години. Неуморен и решителен, беше прв на штрајковите, протестите и на преговорите за заштита на правата и достоинството на работниците.

Герасов рече дека Димовски се залагаше за правични плати, безбедни услови за работа и колективно договарање, и оти ќе биде запаметена неговата лична заложба и ангажман за растот на минималната плата, посебно од текстилците и оддругите работници со најниски плати.

-Зашто, Дарко најмногу се грижеше за оние кои без заборавени од сите други. Како синдикалци, со него бевме посилни, но тој секогаш велеше дека заедништвото ја прави синдикалната борба моќна. Неговото дело ќе живее во безбројните работнички судбини што ги промени на подобро но и кај сите нас кои видовме дека една личност може да направи разлика а под нејзино водство заедно можеме да направиме уште повеке. Неговата борба за силен и платен работник, ке ја продолжиме ние, неговите почитувачи и другари. Нема да дозволиме да се заборави неговата мисла дека силата на нашиот синдикат доага од нашето единство: Здружени, ке ги реализираме плановите што ги имаше, но не успеа да ги види остварени, рече Герасов.

Погребот на Димовски ќе се изврши денеска во 13 часот. Пријателите, соработниците, работниците, граѓаните ќе можат да се простат и да изразат сочувство од 12 часот во капела на градските гробишта Бутел.