Собраниската комисија за транспорт, врски и екологија денеска одржува седница на која на дневен ред се десет точки. На дневен ред на седницата се најдоа Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина во прво читање, како и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за животната средина, во второ читање.

По Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина во второ читање, беа поднесени четири амандмани, од кои два беа повлечени од пратеничката на ДОМ Маја Морачанин, додека другите два беа усвоени.

Образложувајќи го првиот амандман, пратеникот Ненад Коциќ рече дека тој е со цел усогласување на законот за изменување и дополнување на законот за животна средина со законот за прекршоци кои се однесуваат на надлежноста за водење на прекршочна постапка за прекршоци сторени од физички лица за кои е превидена глоба во износ повисока од 250 евра во денарска противвредност.

– Амандманот се однесува за промена на член 67, каде во став 3 треба да стои глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност кај микротрговци, 100 евра во денарска противвредност кај мали трговци, 300 евра во денарска противвредност кај средни трговци и 500 евра во денарска противвредност кај големи трговци ќе му се изречат на службеното лице во правно лице за дејствијата од став 1 од овој член и второто е во ставот 8 кој станува став 7, бројот 1000 се заменува со бројот 500 во ставот 9 кој станува став 8, зборовите 10 000 евра во денарска противвредност се заменуваат со од 500 до 1000 евра во денарска противвредност за микротрговци, 2000 до 2500 евра во денарска противвредност за мали трговци, од 3500 до 4000 евра во денарска противвредност за средни трговци и од 5500 до 6000 евра во денарска противвредност за големи трговци, рече Коциќ.

Пратеничката Морачанин побара веднаш по празниците да се отвори дискусијата по законот за прекршоци кој, како што рече, веќе две години е во Собрание.

– Да ги направиме измените и на тој начин да обезбедиме поголема заштита на животната средина и здравјето на луѓето со зголемување на казните за загадувачите, рече Морачанин.

По однос на овој закон за животна средина, како што додаде, многу е добро што конечно овие контаминирани подрачја се дефинираат и се предвидува план за нивна ремедијација. Тоа, според неа, е одлична измена во законот.

Морачанин предложи да се направи пречистен текст на овој закон за животна средина, бидејќи, како што рече, 15 пати е менуван.

– Да го направиме пречистениот текст на законот за на сите да ни биде јасно за што зборуваме и за да можат сите задолжени да постапуваат, рече Морачанин.

Вториот предложен амандман, како што појасни Коциќ, се однесува на доусогласување на Законот за изменување и дополнување на законот за животна средина со одредбите од Законот за прекршоци кои се однесуваат на надлежности за водење прекршочна постапка за прекршоци сторени од физички лица за кои е предвидена глоба повисока од 250 евра во денарска противвредност, и се однесува на член 68 став 7 кој се менува и гласи: „Надлежен орган за изрекување на прекршоците од овој член е надлежниот суд“.

На седницата беше констатирано Предлог-законот за дополнување на Законот за животната средина, да се прати на второ читање.

Во однос на овој предлог-закон, како што образложи Коциќ, предлагаат да се забрани градење и реконструкција на тешка индустрија на растојание помало од пет километри од населено место.

– Тешки загадувачки индустрии Г1 не смеат да се градат во близина на населени места, рече Коциќ.

На дневен ред на седницата се и годишниот извештај за работа на Агенцијата за пошти за 2020 година; како и годишната програма за работа на Агенцијата за пошти за 2022 година, потоа годишна програма за работа и развој на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор за 2022 година, Извештај за работа на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2020 година, Извештај за работа на Агенцијата за електронски комуникации за 2020 година, Извештај за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2020 година, Годишен извештај за работа на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2020 година и Финансиски план на Јавното радиодифузно претпријатие Македонска радио-телевизија за 2022 година.