Крстот на Попова Шапка ја разбрани јавноста овие денови. Додека едни велат дека е симбол за христијанството и дека треба да остане, други бараат да се отстрани велејќи дека е провокација. Едно е сигурно, а тоа е дека за Попова Шапка сè уште нема изработена урбанистички план.
Единствена политичка партија која застана во одбрана на крстот е ВМРО-ДПМНЕ, но и поединци од другите политички партии како Стојанче Ангелов. Лидерот на Достинство освен што поддржа изградба на крст, се закани на политичарите кои сакаат да се руши дека ќе го брани на лице место.
Крстот е симбол на христијанската вера и истиот не треба да биде јаболко на раздорот во нашето општество, велат од Црковниот одбор на манастирскиот комплекс на Попова Шапка.
Оод Црковниот одбор на манастирскиот комплекс Свети Наум Охридски на Попова Шапка се категорични: На црковно место најприродно е да има крст.
Градоначалникот на Тетово Билал Касами при вчерашната посета на центарот рече дека со урбанистичкиот план за Попова Шапка ќе се регулираат и верските објекти.
„Јас сакам само една порака да испратам, тие што не сакаат да ги видат инвестициите на Општина Тетово, тие гледаат причина да ја критикуваат општината, за предмети кои не се во надлежност на Општината. Во урбанистичкиот план се верските објекти црквата и џамијата и се надевам дека ќе се заврши работата и околу легализирањето на верските објекти. Зборувам за црквата и придружните објекти околу православниот верскиот објект и како и џамијата и придружните објекти околу муслиманскиот верски објект“, изјави Билал Касами, градоначалник на Тетово.
Кому му пречи крстот на Попова Шапка? Ова прашање се наметнува особено знаејќи дека од друга страна на центарот има стотина дивоградби меѓу нив и џамии, кои чекаат да бидат легализирани по донесувањето на новиот урбанистички план кој го најавија општинските власти.
По поставувањето на крстот на центарот пристигнаа голем број на реакции. Албанските политички партии бараат да се отстрани, македонските ги осудија ваквите изливи оти како што велат се работи за симбол поставен на црковен имот.
За крстот Советот на Општина Тетово свика и вонредна седница, на која по дискусијата советниците Македонци ја напуштија салата, барајќи нова седница на која ќе се разговара за законитоста на сите верски објекти во Тетово
Претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски повика да се смират тензиите.
„Верските симболи ги следат верските објекти, крстот и минарето одат до цркви и џамии. Во мултикултурно и мултирелигиско општество со секој човек пак, мора да оди толеранцијата и почитта кон различниот“, стои во Фејсбук објавата на Сотировски.