Во малата сала на Филхармонија, љубителите на звукот на лимените дувачки инструменти вечер ќе можат да го проследат настапот на ансамблот „Б.Ц. Брас“ (Balkan Connection Brass).

Ансамблот ќе настапи со својата нова програма насловена како „Опера Брас“, која ќе ѝ овозможи на публиката да ги слушне најпознатите оперски арии и увертири, изведени со сосема поинаков, лимен звук.

„Б.Ц. Брас“ е ансамбл составен од најдобрите музичари на лимени дувачки инструменти од Словенија, Хрватска и Србија, кои имаат долгогодишно искуство во камерното, оркестарското и солистичко музицирање.

Настанот е поддржан од „Министерставо за култура“, „Град Скопје“ и „Макбрас Асоцијација“. Влезот на концерот е бесплатен.

– Овој состав од самиот свој почеток се обидува да наметне високо квалитетни изведби на едни од најсложените предизвици во камерното музицирање за брас квинтет. Своето знаење, членовите на овој состав го имаат стекнато преку усовршување на најпрестижните музички факултети во Европа и пошироко, кај едни од најпознатите педагози за лимени дувачки инструменти, освојувајќи повеќе награди на реномирани музички натпревари. „Опера Брас“ е најава за она што нѐ очекува на второто издание на „Скопје Брас Фестивал“ – денови исполнети со добропознатиот звук на лимените дувачки инструменти и прославување на брас културата, вели Александар Ниниќ, претседател на „Макбрас Асоцијација“ и организатор на „Скопје Брас Фестивал“.