Претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски пред делегатите Конгресот на партијата ги соопшти носителите и коносителите на пратеничките листи на претстојните парламентарни избори.

Ковачевски е носител на листата на СДСМ и коалицијата во Првата изборна единица во која ко-носителка е претседателката на ЛДП, Моника Зајкова.

Во Втората изборна единица прв на листата ќе биде поранешниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и ко-носител Фатмир Битиќи.

Потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска ќе ја предводи пратеничката листа во „тројката“, а ко-носител е министерот за земјоделие Љупчо Николовски,

Во „четворката“ листата ја предводи поранешниот министер за здравство Венко Филипче заедно со министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.

Претседателот на Собранието Јован Митрески и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе ја предводат листата на СДСМ и коалицијата во „петката“.

Во Шестата изборна единица листата на СДСМ ќе ја ја предводи Славјанка Петровска, а зад неа е Агрон Демири.

Во обраќањето пред делегатите, Ковачевски истакна дека СДСМ е партија која секогаш е отворена пред граѓаните и не се срами да признае дека тие во изминатите седум години правеле и грешки.

– Знам дека во нашата држава сè уште има граѓани чие секојдневие е тешко, кои живеат во сиромаштија. Знам дека има граѓани кои се заглавени во лавиринтите на правниот систем. Знам дека има многу простор за подобрување на состојбите во здравството и во образованието. Сето тоа го знам! Но, знам и нешто друго. Во изминатите седум години донесовме и многу храбри и државнички одлуки – рече лидерот на СДСМ и поранешен премиер, Димитар Ковачевски.

Тој во обраќањето ги повика граѓаните на претстојните избори да ги поддржат СДСМ и кандидатот за претседател Стево Пендаровски.