Владејачкиот СДСМ вечерва на партиски Конгрес ја официјализира поддршката за втор претседателски мандат на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.

Пред Конгресот, заседаваше Централниот одбор на СДСМ, за поддршката за Пендаровски што претходно беше усвоена и од Извршниот одбор.

Настанот започна со интонирање на државната химна, по што претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски порача дека оваа партија, заедно со Стево Пендаровски може да ја внесе државата во Европската Унија и да ѝ обезбеди напредок.

На Конгресот се обрати и кандидатот за претседател на државата. Пендаровски оцени дека анкетите што ги прикажува ВМРО-ДПМНЕ се лажни и оти вистинските покажуваат дека тој и СДСМ ќе ги добијат претстојните парламентарни и претседателски избори. Трендовите од пред извесно време се променети, порача тој.

„Очекувам двојна победа. Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив… Кој е нивниот предлог за европската преговарачка рамка? Велат ќе ви кажеме кога ќе дојдеме на власт. Со таков пристап не можете и не смеете да бидете претседател на месна заедница, а не на државата. Тоа се луѓе кои не се извинија за најголемиот срам во историјата на Македонија – 27 април“,кажа Пендаровски.