Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, оствари средба со претседателот на Регионалната стопанска комора со седиште во Битола, Мирко Велковски, посетувајќи ги „ВЕМИЛК“ и „Хемометал“, двете успешни компании од Битола, со кои раководи Велковски.
На средбата, Велковски, информирајќи за резултатите од своето работење, потенцираше дека, следејќи ги најновите стандарди со користење на најсовремена технолошка опрема, брендот „ВЕМИЛК“, гарантира висок квалитет на своите производи на пазарот, уште од своите почетоци во 2017 година. За компанијата „Хемометал“ пак, која е основана во 1990 година, Велковски посочи дека е постојано посветена кон развој и унапредување во интерес на клиентите, овозможувајќи им пристап до најсовремени производи, коишто се технички усовршени и со препознатлив висок квалитет.
Покрај за успешното работење, Велковски го информираше градоначалникот Коњановски, дека како регионална стопанска комора особено се задоволни од соработката со локалната самоуправа, што дополнително се потврдува и со учеството на претставници на комората во Локалниот економско социјален совет и изработката на Стратегијата за локален економски развој на општината во следниот петгодишен период.