Кос оцени дека првпат по повеќе од две децении на ист ден се одржуваат пристапни конференции со четири земји кандидати
Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска оцени дека денешниот ден претставува „супервторник“ за политиката на проширување на Европската Унија, бидејќи првпат по повеќе од 20 години на ист ден се одржуваат пристапни конференции со четири земји кандидати – Црна Гора, Украина, Молдавија и Албанија.
Во објава на социјалната мрежа Икс, Кос истакна дека овие четири држави бележат значителен напредок на европскиот пат, при што Црна Гора ја издвои како најнапредна во пристапните преговори.
„Нашите лидери – Украина, Молдавија, Албанија и Црна Гора прават големи чекори напред. Црна Гора е на чело на таа колона, како најнапредна земја во пристапните преговори“, напиша Кос.
Украина и Молдавија отвораат нов кластер, Албанија затвора први поглавја
Според еврокомесарката, Украина и Молдавија денеска го отвораат Кластерот 6, кој ги опфаќа областите одбраната и безбедноста, оценувајќи дека токму во тие сектори аргументите за нивното членство во Европската Унија се особено силни.
Во меѓувреме, Албанија ги затвора своите први преговарачки поглавја, додека Црна Гора, како што посочи Кос, влегува во завршната фаза од пристапните преговори.
„Сегашниот моментум мора да се преточи во конкретни резултати на терен“, порача Кос, нагласувајќи дека понатамошниот напредок ќе зависи од исполнувањето на условите за членство.
Today is a Super Tuesday for EU enlargement.
For the first time in over 2 decades, we are holding four accession conferences on the same day.
Our four front runners Ukraine, Moldova, Albania and Montenegro are all taking major steps forward.
With Ukraine and Moldova, we are… pic.twitter.com/piUZLMuCYc
— Marta Kos (@MartaKosEU) July 14, 2026
Црна Гора ќе затвори уште две преговарачки поглавја
Во Брисел денеска се одржува и меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Црна Гора, на која земјата треба да ги затвори Поглавјето 8, кое се однесува на конкуренцијата, и Поглавјето 29 за царинската унија.
Со тоа, бројот на затворени преговарачки поглавја на Црна Гора ќе достигне 18 од вкупно 33.
