Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, од денеска до 5 јуни ќе престојува во посета на земјите од Западен Балкан, во рамки на која ќе оствари средби со лидерите од регионот и ќе копретседава со Самитот ЕУ – Западен Балкан што на 5 јуни ќе се одржи во Тиват, Црна Гора.

Од Делегацијата на Европската Унија во Скопје информираат дека фокусот на разговорите ќе биде ставен на процесот на проширување, постепената интеграција на регионот во ЕУ, регионалната соработка, како и прашањата поврзани со безбедноста и стабилноста.

„Мојата втора турнеја низ Западен Балкан испраќа јасен сигнал дека посветеноста на Европската Унија кон регионот е реална, исто како и перспективата за проширување. Моментумот постои и сега е време за конкретни резултати“, изјави Кошта.

Турнејата започнува денеска во Сараево, а утре Кошта ќе престојува во Тирана и Скопје, каде што е предвидена средба со премиерот Христијан Мицкоски. Во среда ќе ја посети Приштина, во четврток Белград, а посетата ќе ја заврши во Црна Гора.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват главна тема ќе биде „Заедничкиот просперитет и стабилност на Европската Унија и Западен Балкан“.

Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува со Кошта да разговара за можностите за надминување на пречките во евроинтегративниот процес на земјата.

Тој нагласи дека македонските позиции остануваат непроменети и дека Владата ќе продолжи да бара решение кое нема да ги засегне достоинството, идентитетот и националните интереси на македонскиот народ и граѓаните.

Мицкоски оцени дека досегашните разговори со Кошта биле конструктивни и насочени кон изнаоѓање решение за, како што рече, билатералните предизвици што го попречуваат напредокот на државата кон ЕУ. Истовремено, тој повтори дека Владата не е подготвена на нови отстапки без јасни гаранции и предвидлив исход на процесот.