Имињата на поранешните косовски претседатели Атифете Јахјага и Беџет Пацоли се појавуваат во документи од досиејата на Џефри Епштајн, објави весникот „Коха“. И двајцата негираат дека го познавале или дека се сретнале со Епштајн.
Министерството за правда на САД на крајот на јануари објави над три милиони документи поврзани со случајот.
Во е-пошта испратена на адресата на Епштајн од Даниел Сиад, име што често се споменува во неговата преписка, се наведува: „Принцезата од Тајланд ќе биде во Њујорк во Обединетите нации со претседателот на Косово, таа би сакала да се сретне со вас“. Пораката е датирана на 16 септември 2012 година, кога функцијата претседател ја вршела Јахјага.
Во име на Јахјага, нејзината советничка Валентина Абази изјави: „Претседателката Јахјага никогаш не се сретнала со него, никогаш не побарала средба со него и дури не знае ни кој е тој“.
Друг е-мејл од Даниел Сиад до Епштајн е насловен „Кој е Беџет Пацоли?“ и содржи линк до видео на Јутјуб, кој сега не е достапен. Во пораката стои: „Здраво Џефри, принцезата сака да го гледате ова видео“.
Принцезата спомената во преписката е Луанд Раџадарсри Џајанкура, членка на тајландското кралско семејство, која во комуникацијата со Епштајн се претставувала како почесен конзул на Косово во Тајланд. „Коха“ наведува дека не пронашла јавен документ од косовските власти што го потврдува таквиот статус.
Пацоли за „Коха“ изјави: „Никогаш не сум се сретнал, ниту сум комуницирал, ниту пак сум бил на неговите имоти. Дури сега (кога има гласини за него) слушам за неговото постоење“.
Во документите се споменува и поранешниот генерален секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд. Е-пошта открива детали за планови за патување и пречек на Јагланд и неговото семејство по пристигнувањето на островот, каде што наводно се случувале злоупотребите. Во одговор, Јагланд напишал дека не може да патува поради руската анексија на Крим, објави „Дагбладет“.
„Коха“ потсетува и на негови изјави од 2004 година во кои тврдел дека мафијата презела контрола врз дел од косовската влада.
Во објавените документи се споменуваат и актуелниот претседател на САД Доналд Трамп, поранешниот претседател Бил Клинтон и други јавни личности.
Поради поврзаност со случајот, поранешниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, поднесе оставка од функцијата советник на словачкиот премиер Роберт Фицо.
Џефри Епштајн беше обвинет за испраќање малолетни девојчиња на неговиот приватен остров „Мал Сент Џејмс“ на Карибите, каде што, според обвиненијата, ги злоупотребувал и ги користел за меѓународна трговија со луѓе. Епштајн почина во 2019 година додека беше во затвор.
