Косовската полиција и Царините на Косово открија денеска поголемо количество дрога хероин во камион на царински терминал во Генерал Јанковиќ, на границата со Македонија.
Претставници на Обвинителството вечерва на прес-конференција во Урошевац информираа дека 83,5 килограми хероин биле откриени во 160 пакувања сокриени во камионот во 32 рефлектори. Дрогата била спакувана во Турција, а крајна дестинација била Приштина.
Во акцијата се уапсени седум косовски државјани од Пеќ и од Приштина, а запленети се и едно комбе и возило Ланд Ровер. Надлежен обвинител им одреди на уапсените 48-часовен притвор, а по уште две лица е распишана потерница.
Косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља им четстита на институциите за успешно изведената акција за спречување на шверцот со дрога.
– Кога меѓу различните институции постои волја за искрена соработка со цел да се обезбеди владеењето на законот и борба против организираниот криминал, резултатите се неминовни. Честитки на Царината, полицијата и Обвинителството, напиша Свечља на неговиот Фејсбук.