Основниот суд на Приштина денеска го осуди косовскиот Србин, Душко Арсиќ на 13 години затвор за воени злосторства, кои, според обвинението, ги извршил во селото Бутовац за време на војната во Косово во февруари 1999 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Читајќи ја пресудата, Судскиот совет наведе дека од јануари до јуни 1999 година, Арсиќ, кој живеел во селото Матичан во близина на Бутовац, учествувал во насилното протерување и иселување на граѓаните на Приштина и околината, како и дека запрел малолетник и заедно со другите припадници на паравоените единици го малтретирал.

Според досието на обвинителството, групата во која членувал Арсиќ во февруари истата година, првично ранила и убила неколку жртви, меѓу кои и лицето Брахим Шала, кој бил убиен со автоматска пушка, а потоа му наредиле на тогаш 15-годишен Артан Красниќи, да го носи на грб неговото тело.

Арсиќ е обвинет дека, како дел од српската полиција и паравоените групи, „физички и психички го малтретирал, го удирал по грбот, го пцуел и го третирал како терорист“ малолетниот Красниќи, кој денеска беше присутен во судницата за време на изрекувањето на пресудата.

Најавувајќи жалба на пресудата, адвокатот на Арсиќ, Небојша Влајиќ изјави дека не ја очекувал, но и не е изненаден од казната што на неговиот клиент му ја изрече судскиот совет во Приштина.

– Мислам дека по денешното објавување на пресудата и најдобронамерните набљудувачи ги загубија илузиите за демократскиот капацитет на косовското судство. Косовското правосудство едноставно ја убедува јавноста со секоја наредна пресуда дека не е во состојба да спроведе правична постапка, рече тој.

Арсиќ е уапсен на граничниот премин Јариње, меѓу Косово и Србија, во декември 2021 година и од тогаш е во притвор во Подујево.