За помалку од 24 часа откако беше уапсен, косовскиот суд го ослободи осудениот за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Алил Демири. Информациите за косовските медиуми ги потврдил адвокатот на Демири според кого обвинителот кој го застапувал предлогот се повлекол од барањето.
По приложените докази од одбраната и појасните аргументи дадени на рочиштето на кое беше адресирано барањето на Обвинителството за определување мерка притвор, обвинителот кој го застапуваше предлогот се повлече од барањето, вели адвокатот Бесник Бериша.
Иако косовските органи се уште немаат одговорено на екстрадицијата која ја побара Македонија во 2018-та, адвокатот на Демири тврди дека и во двата случаја косовскиот суд ја одбил неговата екстрадиција.
Македонското министерство за правда пак вели дека втората екстрадиција побарана пред пет години се уште е активна, бидејќи немаат одговор од Приштина. Досега за Демири побарани се две екстрадиции – во 2013-та која е одбиена и во 2018-та на која нема одговор.
Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година , потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 05.09.2018 година. Во постапките , се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен.
Сител побара одговор и од Косовската влада , дали позитивно ќе одговори на екстрадицијата која е побарана уште во 2018-та година. Но одговор од кабинетот на премиерот Курти, се уште нема.
Демири има доживотна затворска казна за тероризам која судот му ја изрече во отсуство. Освен за Демири, се уште се трага и осудениот Африм Исмаиловиќ, кој најверојатно се крие на Косово.
За грозоморното убиство на четирите момчиња и рибарот кај Смиљковското езеро на 12 април 2012 година, осудени се петмина од кои тројца имаат доживотна казна затвор. Во 2017-та Врховен случајот „Монструм“ го врати на повторно судење. Пред две години беше донесена и конечната одлука , со која и повторно беше потврдена казната доживотен затворс.