Косовски медиуми објавија дека напаѓачите кои стојат зад вчерашниот напад, кои убија еден косовски полицаец, а повредија друг неофицијално се криеле во манастирот Бањско. Медиумите објавија и фотографии од манастирот и од апликацијата „Гугл мапс“ со неговата назначена локација.

Од манастирот пак за српскиот портал КоССев.инфо изјавиле дека таму немало никакви напаѓачи, туку таму биле „заглавени“ 50 лица верници од Нови Сад, Србија. Се криеле во манастирот, бидејќи им било страв од настанатата ситуација.

„Никакви напаѓачи ниту има, ниту имало. Вчера во манастирот пристигна група од 50-на верници од Нови Сад со својот свештеник. Се уште се таму, се е блокирано па не можат да го напуштат манастирот. Преплашени се. Околу 2 часот утрото беа разбудени од силни детонации, имаше многу истрели од околните ридови. Се се тресеше“, изјавиле од манастирот за српскиот портал.