Меѓу Стефанос Каселакис и Ефи Ахциоглу, односно меѓу двајцата кандидати кои минатата недела добија најголем број гласови, но недоволно за да биде избран претседател на СИРИЗА во првиот круг, членовите на партијата денеска избираат нов лидер, јави дописничката на МИА од Атина.

Најголемата грчка опозициска партија гласа во вториот круг за избор на наследник на Алексис Ципрас кој 15 години ја водеше СИРИЗА, а пред речиси три месеци си поднесе оставка.

Во првиот круг имаше голем одѕив кај членовите на партијата, гласаа нешто помалку од 150.000, од кои речиси една четвртина се зачленија на денот на изборите, а победник беше 35-годишниот Каселакис со 44,91 отсто од гласовите, додека пак 38-годишната Ахциоглу доби 36,18 проценти, односно 12.800 гласа помалку.

Бизнисменот Стефанос Каселакис, кој живее и работи во САД, а речиси во последен момент ја достави кандидатурата за лидер на СИРИЗА, по соопштувањето на резултатите во неделата рече дека „беше направен првиот чекор за земјата набргу да добие прогресивна Влада“.

Поранешната министерка и актуелна пратеничка од СИРИЗА Ефи Ахциоглу порача дека вториот круг ќе биде пресуден и ќе се одреди дали „битките што ќе се водат се политички или не“, но и дека опозициската партија „не може да плови во матните води на лесни решенија“.

Фактот што Каселакис, до доставувањето на кандидатурата за претседател на СИРИЗА беше речиси целосно непознат за грчката јавност, без да биде еден од главните партиски играчи, предизвика интерес кај медиумите во Грција.

Од друга страна, внатрешноста на партијата се подели на два табори, еден со поддршка за Каселакис, другиот со поддршка за Ахциоглу.

Паралелно не изостанаа ни меѓусебните препукувања на двајцата кандидати.

За денешните избори, отворени се вкупно 538 гласачки места во цела Грција, гласањето ќе трае од 8 до 20 часот, а право на глас имаат сите кои гласаа во првиот круг, како и оние кои се веќе членови на СИРИЗА, а овој пат не е дозволено зачленување на нови членови во текот на денешниот ден на самите гласачки места, како што беше случај минатата недела.