Градоначалникот на Јегуновце Димитар Костадиноски на денешната прес-конференција обвини дека неговата општина не добила средства од предвидените 800 милиони денари на Бирото за регионален рамномерен развој. Тој реагира затоа што Владата, Бирото и Министерството за локална самоуправа во понеделникот објавија дека 800 милиони денари ќе се распределат на сите 80 општини.

– Нула денари за Општина Јегуновце од вкупно 800 милиони денари доделени за општините за 2023 година. Жителите на Општина Јегуновце повторно се казнети од централната власт, со овој срамен потег Владата предводена од ДУИ и СДС и Бирото за регионалeн рамномерен развој се обидува да го намали бројот на реализирани проекти во мојот мандат, притоа свесно казнувајќи ги жителите. Господа во заминување, зарем ова е вашиот рамномерен регионален развој?. Јас сум градоначалник за сите жители без притоа да правам поделби како што практикува да прави оваа Влада. Доаѓаат подобри времиња во Општина Јегуновце во иднина со влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе реализираме многу проекти кој ќе бидат од интерес за сите, истакна Димитар Костадиноски.

Според него и без поддршка од Владата се реализираат многу проекти во интерес на тамошните жители.

– Овој месец ноември извршено целосно реновирање на надворешниот дел од библиотеката „Светлина Прељубиште“, со нова фаза, оградување и уредување на дворот. Извршено е комплетно реновирање на внатрешниот дел од просториите во подрачното основно училиште во Сиричино, поставен е нов систем на централно греење со топлинска пумпа како и сменета е целата кровна конструкција со термо панел. Со поддршка на Општина Јегуновце сменета е целата кровна конструкција со термо панел, реновиран е и целиот внатрешен објект, реновирани се сите кабинети за настава, променети се вратите, поставен е систем со парно греење со топлинска пумпа со што е променет досегашниот начин на затоплување во нов поефикасен, вели Костадиноски.

Во рамки на проектите во ноември, Костадиноски посочи дека е направено оградување и уредување на училишниот двор во Рогачево, а се поставени бехатон плочки и нов потпорен ѕид со метална ограда долж локалниот пат.