Визијата на ОБСЕ како платформа за кооперативна и сеопфатна безбедност, беше сериозно тестирана во реалноста, а најмногу директно почувствувана од украинските граѓани. Воената агресија на Руската Федерација против Украина продолжи со несмален интензитет и разорувачки последици, потврдувајќи ја својата неоправданост и неправедност, рече премиерот Димитар Ковачевски кој го отвори 30. Министерски совет на ОБСЕ.

Тој во своето обраќање ја искажа тежината на овогодишното претседавање со организацијата. Ковачевски истакна дека народот на Украина заслужува мир и војната мора да запре.

-Оваа војна ги поткопува темелите на ОБСЕ, рече тој и додаде Северна Македонија е поддржувач на мултилатерализмот и е цврсто уверена дека ОБСЕ може да направи разлика на терен.

-Токму и нашето мото за време на претседавањето – „За луѓето се работи” го рефлектира тоа уверување. Долготрајните дискусии во меѓународните форуми не треба да бидат апстрактна конструкција, туку да водат кон конкретни решенија кои имаат придобивки за граѓаните. Истовремено, кога е потребно, оваа организација игра важна улога во задржувањето на дипломатијата како алатка за обезбедување мир и спречување на војната и страдања.

Северна Македонија, иако не беше директно дел од војните што следеа по распадот на Југославија, сепак во декадите по независноста беше соочена со голем број предизвици како на домашен, така и на надворешно-политички план. Низ еден процес на созревање, го чекореше долгиот и не секогаш рамен пат на меѓународно етаблирање и зачленување во различни мултилатерални организации, кажа меѓу другото Ковачевски.

Премиерот изрази благодарност за дадената доверба и прилика да се биде домаќин на овој исклучително значаен и најголем настан во историјата на Македонија. Тој посака исход кој ќе овозможи излез кон помирни води.

-Историјата ќе не суди по нашите дела, заврши Ковачевски.