Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, денеска, одржаа прес-конференција, на која ги презентираа процесите на дигитализација и дигитална трансформација на нашата држава во следниот период, а која точка беше усвоена на денешната владина седница.
„Денес ја промовираме програмата за Дигитализација „DigitalEra” на Министерството за информатичко општество и администрација, како и сите активности кои што се потребни за реализација на дигитализацијата на процесите во нашата држава. Имплементацијата на овие активности преку дигитализација ќе доведе до подобрување на услугите за граѓаните, поголема ефикасност на институциите, преку што и ќе се влијае на намалување на корупцијата и креирање на побезбедна дигитална околина за граѓаните“, изјави Ковачевски, додавајќи дека дигитализацијата е предвидено да се воведе во сите сфери во државата.
Планирано е да се основа Агенција за дигитализација, со што ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација која ќе влијае на ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето.
„Со воспоставување на новата Агенција за дигитализација ќе се овозможи дигитализирана јавна администрација, која ќе ги подобри ефективноста, транспарентноста и отчетноста на управувањето и ќе придонесе кон стабилен економски раст на земјата. И второ, ваква Агенција за дигитализација ќе може да ги консолидира и кадровските ресурси кои што работат на ова поле, меѓутоа да стане и конкурентна во делот на привлекување на ИТ инженери, коишто знаеме дека се дефицитарни и кои што имаат висока цена на пазарот на труд, со што државата ќе може да ги обезбеди кадрите кои што се потребни на полето на дигитализацијата и на полето на сајбер безбедноста.
Во рамките на дигитализацијата, ќе се воспостават Интегрираните сервисни центри (One point of service) ЕТУ, кои го нудат концептот на едношалтерски систем, кои ќе бидат достапни за сите граѓани во 333 пунктови на државно ниво, за добивање на многу услуги само на една локација. Овие ЕТУ шалтери ќе бидат дел од инфраструктурата на АД Пошта на Северна Македонија.
На административните шалтери ќе се овозможи лицата со посебни потреби да имаат приоритет за добивање на административни услуги. Се предвидува субвенционирање на програми од стратешки интерес за државата како што се сајбер безбедноста, вештачката интелигенција, како и воведување на дигитална лична карта“, истакна тој.
Со дигитализацијата на јавните услуги значително ќе го намалиме времето што граѓаните го поминуваат за добивање услуга на шалтерите на јавната администрација. Овие услуги ќе бидат достапни во реално време, ќе бидат транспарентни, отчетни и поевтини, со што клиентелизмот, фаворизирањето и монополизирањето на процесите ќе бидат минато“, рече министерот за информатичко општество и администрација, Алиу, додавајќи дека при дигитализацијата на услугите, посебен акцент ќе се стави на подобрување на дигиталната инфраструктура за лицата со посебни потреби.
Министерот Алиу појасни дека Министерството за информатичко општество и администрација веќе има обезбедено интегрирани услужни пунктови во 5 градови, кои го нудат концептот на едношалтерски систем, а со новата Стратегија за дигитална трансформација, граѓаните ќе имаат можност да ги добиваат овие услуги во сите населени места.