На маргините на конференцијата за безбедност ГлобСек 2022 што се одржува во Братислава, претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски оствари средба со неговиот колега, премиерот на Словачка Република Едуард Хегер.
На средбата, како што соопшти владината прес-служба, двајцата премиери изразија задоволство од билатералните односи меѓу двете земји кои во последно време дополнително се динамизираат и унапредуваат со отворањето на Амбасадата на Република Северна Македонија во Братислава.
Двајцата премиери на средбата истакнаа дека активностите на Амбасадата ќе дадат дополнителен поттик за сеопфатен развој на билатерални односи меѓу двете земји со посебен акцент на економската соработка со Словачка и со земјите членки на Вишеградската група.
Премиерот Ковачевски во разговорот со словачкиот премиер Хегер се заблагодари за континуираните јавни застапувања и изјави на највисоки претставници на Словачката Република за недвосмислената поддршка за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ, каква што беше заедничката иницијатива со Чешката Република за блокирањето на усвојувањето на заклучоците на ЕУ во однос на процесот на проширување со земјите од Западен Балкан кои содржат неприфатливи референци за некои историски прашања.
Премиерите Ковачевски и Хегер се согласија дека е крајно време Северна Македонија и регионот да добијат силна, јасна и кохерентна порака од сите земји членки и институции на ЕУ за почеток на преговорите за членство за да се потврди нивната европска перспектива.
Застојот во процесот на пристапување во ЕУ, беше речено на средбата, предизвикува силни безбедносни ризици, и сега е моментот конзистентните напори на Северна Македонија и Албанија да се препознаат од страна на ЕУ со што побрзо започнување на пристапните преговори без одлагање.