По една недела натегање околу дневниот ред, но и форматот – падна договор за лидерска средба. Премиерот Ковачевски за среда пред пладне го закажа состанокот со Мицкоски. Средбата ќе биде во тет-а-тет формат, како што претходно побара опозицискиот лидер.
На дневен ред се уставните измени, односно како што информираат од Владата, пред се’ се „одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција“ , но и добрососедските односи.
Од ВМРО-ДПМНЕ потврдија присуство на Мицкоски, но очекуваат на средбата главна тема да биде што по неуспешните уставни измени.
„Очекуваме Ковачевски да излезе од стегите и заложништвото на ДУИ и да прифати да разговара за периодот што по фактот дека уставните измени нема да го имаат потребното мнозинство“, коментираат од партијата.
Веднаш по поканата Мицкоски оставрил средба со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Лидерот добил насока дека сите пратеници остануваат на ставот дека уставните измени се неприфатливи.
„Македонските граѓани отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на државата, но тоа не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање на диктати туку процес за прифаќање и почитување на вредности“, велат од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Против уставните измени се изјаснија и коалициските партнери. Од Социјалистичката партија сметаат дека лидерската средба треба да биде единствено за одржување на предвремемени избори, како решение на како пто велат политичката криза.
Мицкоски претходно изјави дека очекува од лидерската средба да произлезат суштински заклучоци за иднината на државата и граѓаните.
За разлика од него, премиерот Ковачевски дециден дека уставните измени и добрососедските односи се двете единствени теми на кои ќе се разговара. Не открива што ако уставните измени сепак, пропаднат, но вели изборите ќе бидат редовни.
Во меѓувреме, од правда ја испрати Инцијативата за промена на Уставот со мали измени од предлогот кој го достави работната група, односно од набројаните народи тргнати се Ерменците.
Од Владата потврдија дека Инцијативата е стигната, но таа ќе се разгледува на некоја од наредните седници. Неофицијално ќе се чека исходот од лидерската средба пред да помине на владина седница, што најрано може да се случи во петок. Не е исклучено, Инцијативата да претрпи и други промени, пред да биде усвоена од Владата и испратена до пратениците за да почне и собраниската процедура за уставни измени.