Францускиот предлог, кој Владата е подготвена да го прифати, е крајно неповолен за Македонија бидејќи ги содржи бугарските барања. Тоа е ултиматум и диктат после кој на Македонија и преостанува или вечно да преговара или да настане комплетна асимилација, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.
-Предлогот во себе предвидува Протоколи, или како што сака Владата да ги каже Годишни извештаи, преку кои ќе се оценува спроведувањето на членот 12 од Договорот со Бугарија од 2017-та година во кои се предвидува промени на учебници за ликови и настани од македонската историја, промени на табли на споменици, музеи и јавни места кои им пречат на Бугарија, санкционирање на секаква критика или поинакво мислење под превезот на говор на омраза и слични други понижувања. Овој Протокол, но и целиот предлог е пораз на македонската дипломатија, бидејќи предвидува асимилација и национално обезличување на Македонија, велат од партијата.
Од таму додаваат дека затоа гневот во јавноста и кај народот е огромен. Затоа гласно НЕ за овој ултиматум кажуваат и експертите и интелектуалците, па дури и дел од функционерите на СДСМ
-ВМРО-ДПМНЕ ги поддржува граѓаните кои достоинствено и гласно се противат на оваа капитулација на владата на Ковачевски. СДСМ и Ковачевски се тие што одбраа да бидат против сопствениот народ, само за да зачуваат фотелји на сметка на македонскиот идентитет. Пораката на народот е „Ултиматум, НЕ БЛАГОДАРАМ“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.