Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на некои сегашни членки на ЕУ, рече премиерот Димитар Ковачевски на Форумот Глобсек 2023: Економски силен Балкан само со членство во ЕУ.
„Стандардот на Југославија беше 10 пати поголем од стандардот на Словачка, Полска, Унгарија, Бугарија, Романија заедно. А стандардот на вашите земји, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие е членство во ЕУ. Дали ќе дојде тоа одеднаш или секторски тоа начинот на кој ќе се спроведува“ рече Ковачевски.
Премиерот кажа дека поддршката од европските фондови е клучна за развојот на земјите од Балканот, а членството во ЕУ е единствениот пат за нивен напредок.
Премиерот и пред неколку дена во Скопје говореше за југословенскиот стандард, кажувајќи дека ќе им го врати на граѓаните.
По средбата со сенатрот Крис Марфи пред неколку дена, Ковачевски рече: „Нашата држава потекнува од поранешната југословенска федерација. Во тоа време имавме поголем стандард и од Словачка и од Чешка и од Романија и од Полска и од Бугарија и од сите земји кои станаа членки на Европската Унија. Јас ќе ги донесам и ќе ги предводам сите потребни одлуки кои ќе обезбедат граѓаните на Северна Македонија повторно да имаат поголем стандард од сите граѓани од кои порано сме имале поголем стандард. Тоа нашите граѓани го заслужуваат. На тој пат сметам и на поддршката од нашите стратешки партнери пред се САД и земјите членки на ЕУ“.
На форумот, Ковачевски заклучи дека стратешката грешка што ЕУ ја направила пред пет години со ветото, не може да се реши за 5 минути.