Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски во рамки на работната посета на САД, се обрати на престижниот универзитет „Џонс Хопкинс“ во Вашингтон на тема: „Неодложна потреба за економски развој на Балканот“. Претходно, премиерот Ковачевски, одржа средба со деканот, Џејмс Стајнберг каде зборуваа за тековната работа како и плановите за активности во следниот период.

Говорот на претседателот на Владата ви го пренесуваме во целост:

„Сега додека го слушав воведот можам да кажам дека 2022 година беше навистина тешка година како и почетокот на 2023. Би сакал да се заблагодарам на факултетот за напредни меѓународни студии „Џонс Хопкинс“ за поканата. Ова е навистина голема чест и привилегија за мене да бидам на овој високопочитуван институт и да зборувам за неколку важни теми.

Северна Македонија е многу уникатен пример за тоа како преку дипломатија и отворен дијалог се решаваат отворени прашања. Овие отворени прашања ги викам идентитетски прашања, ако ги погледнеме сите конфликти коишто се случија во државите на поранешна Југославија, а кога ќе ја видиме и бруталната агресија низ Украина, тука повторно се работи за идентитетска агресија, а Северна Македонија докажа дека постои модел на дипломатија со којшто овие идентитетски прашања можат да бидат решени и затворени. Ова е првата тема на којашто сакам да дискутирам. Втората секако е за тоа колку сериозни одлуки во поглед на изборот на партнерство се потребни со сојузниците и како тоа секогаш носи подобра иднина за државата и граѓаните а тука мислам на партнерствата пред сè со САД а потоа и со ЕУ и другите НАТО сојузници. Третата тема на којашто би зборувал денес е мошне реална затоа што се однесува на енергетиката, енергетската безбедност и независност за мојата држава, Северна Македонија но и за Западен Балкан како и Источна Европа токму овој период кога се одвива војната во Украина.

Во шест кратки години од заробена држава затоа што 11 години имавме Влада којашто беше популистичка и којашто не носеше одлуки за земјата да напредува, сè беше насочено кон зборување за минатото и знаете за политичарите секогаш е најлесно да зборуваат за минатото, затоа што кога зборувате за минатото тогаш не ветувате ништо, просто играте на емоционалните чувства на гласачите и граѓаните. Никогаш не ми се допаѓале политичари коишто зборувале за минатото. Ние започнавме да работиме и да зборуваме за иднината и затоа во шест години од заробена држава станавме земја којашто е членка на НАТО и сега ја согледуваме вредноста да се биде членка по војната во Украина. Потоа започнавме преговори со ЕУ, претседаваме со ОБСЕ, ова е најголемата безбедносна организација во Европа и тоа е последната организација кадешто сè уште постои дијалог со Русија. Северна Македонија претседава со таа организација токму во оваа 2023 година и ние сме првата земја којашто отвори стратешки дијалог со САД. Сето ова се случи во изминатата година. Тоа беше возможно само преку носење храбри, тешки но и лидерски одлуки. Ние го решивме спорот со Република Грција, тоа не беше лесна одлука затоа што со цел да станеме членка на НАТО ние моравме да го промениме името на државата а тоа е крајната тешка и мачна одлука што некој ја направил во историјата. Тука гледам академици од Џонс Хопкинс, гледам студенти и не мислам дека има повеќе од три или четири случаи каде што се носеле такви одлуки. Второ како што спомена и Едвард ние исто така имавме два тешки круга на преговори со соседна Бугарија, прво да дојдеме до Договорот за добрососедски односи а второ да се договориме за преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ. Тоа исто така вклучуваше и многу важни работи коишто требаше да бидат решени токму внатре во овие договори. Овие преговори коишто јас ги предводев минатата година беа навистина тешки затоа што низ нив имавме јасна цел што требаше да ја постигнеме. Првото секако го постигнавме, македонскиот јазик да стане службен јазик на ЕУ, без никакви додавки, фусноти, објаснувања. Второ дека идентитетот на македонскиот народ вклучително и неговата култура како и сите елементи на нашето наследство ќе станат дел од целиот тој мозаик на ЕУ и на нејзините нации. Ова беа двете важни прашања коишто ги постигнавме вклучително и почетокот на преговорите со скрининг процесот.

Од друга страна ќе мора да вклучиме дел од бугарскиот народ заедно со дел од Хрватите, Црногорците и Евреите кои живеат во земјата во преамбулата на нашиот Устав затоа што веќе имаме делови од други нации како што се Албанци, Роми, Бошњаци, Срби, Власи и коишто веќе се дел од нашиот Устав. А претходно ако се навратам на 2001 година, го потпишавме Охридскиот рамковен договор којшто ја даде внатрешната стабилност на државата и сега малцинските права во Северна Македонија би рекол се уредени на највисокото ниво споредено со било која друга држава во Европа, па дури и надвор од Европа. А зошто е ова важно? Затоа што тоа ни овозможува внатрешна стабилност на државата. Другите договори ни даваат надворешна стабилност и соработка на земјата, и токму поради овие стожерни договори на земјата ние станавме членка на НАТО, започнавме со пристапните преговори со ЕУ, претседаваме со ОБСЕ и од земја којашто беше потрошувач на некој начин, на надворешни преговори и медијации, и посредништва во други земји, од земја којашто беше корисник на медијација при преговорите, ние станавме медијатор на преговори заедно секако со САД и со ЕУ. Ова е навистина значителен успех и чекор напред за земјата. Затоа велам дека сите овие претходно споменати договори, тешки одлуки се столбот на нашата стабилност и на нашата иднина, затоа што иднината на граѓаните е бесценета.

Ова е резултат на добрососедски политички односи и како тие влијаат врз комуникацијата, трговијата, туризмот и сите други важни аспекти на општеството.

Што се однесува до нашето членство во НАТО ние сме најновата, најмладата членка на НАТО, но не дозволивме тоа да ни претставува пречка. Многу сме активни, дури и кога не бевме земја членка на НАТО ние праќавме помош на мисиите предводени од НАТО. Досега сè што беше во наш капацитет го направивме да помогнеме на украинскиот народ и украинската Влада во нивната борба за независност, територијален суверенитет, право на самоопределување, како и одбрана на нивното демократско општество.

Ова е тоа што ние во Украина го поддржуваме. И на тој начин ја усогласивме надворешната политика со надворешната политика на ЕУ, 100 процентно, иако не сме членки на ЕУ, зашто кога ги споделувате истите вредности тогаш е лесно да се усогласите, а ние ги споделуваме истите вредности со САД и со ЕУ. Бидејќи Северна Македонија секогаш била на вистинската страна на историјата кога ќе погледнеме во некоја временска перспектива. Оваа помош ја понудивме во форма на воена и невоена помош. Сè е јавно објавено со релевантните одлуки донесени од Владата.

ОБСЕ е голем предизвик и ние сме почестени што ја имаме оваа голема одговорност да претседаваме. Во декември ќе биде големиот министерски состанок, кој ќе се одржи во Скопје. Ние ги поставивме нашите приоритети за претседателството, Украина, Кавказ. А нашиот министер за надворешни работи е сериозно вклучен во дискусиите во овие региони заедно со партнерските држави, главно со амбасадорите на Квинтата на ОБСЕ во Виена.

Тука би сакал да заклучам, а потоа да преминеме на прашањата.

Земјата има многу јасна визија за интеграција кон ЕУ, имаме јасен план за диверзификација на енергијата, минатата година успеавме да инсталираме околу 190 MW во капацитети кои може да снабдуваат 10 % македонски градови со чиста енергија. Планираме финансирање во поглед на енергетска инфраструктура, тоа значи гасоводите коишто ги споменав, постројките за производство на енергија како и интерконекциите со висока волтажа со соседите, тука пред сè мислам на Грција и Албанија затоа што градиме врска за транспорт на енергија.

Имаме јасен план којшто веќе го спроведуваме за да изградиме патна инфраструктура кон истокот и кон западот. Коридор 8 кој веќе стана дел а не беше дел од европските коридори, бидејќи само коридор 10 беше дел од паневропските коридори, но сега и коридор 8 ќе добие помош од ЕУ и од европските банки.

Јасно ја усогласивме нашата надворешна политика со онаа на ЕУ и започнавме со преговори со ЕУ, а извештаите од Брисел се навистина мошне позитивни. Успешно претседаваме со ОБСЕ и она што е предност, до крајот на годината е да ја донесеме одлуката за уставните измени за коишто вчера добивме силна и неприкосновена поддршка од државниот секретар на САД и неговиот тим“.