Северна Македонија целосно ги исполни условите за почеток на преговорите и врз основа на што е донесена и препораката за безусловен почеток за отворање на поглавјата во март 2020 година, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во рамки на својата програма со активности за време на Преспа форумот за дијалог.
Од владината прес-служба соопштија дека на средбата стана збор за геополитичките предизвици што ги донесе руската агресија на Украина, поради што забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ стана врвно прашање од највисок приоритет, вклучително со зајакнување на отпорноста на регионот од влијанијата на трети страни. На средбата присуствуваа и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ како и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Ковачевски и Мишел разговараа и за придобивките од иницијативата Отворен Балкан за воспоставување на заеднички и поврзан регионален пазар врз основа на четирите слободи на ЕУ за непречен проток на луѓе, капитал, стоки и услуги, како значајни чекори за имплементација на стандардите на ЕУ.
Во однос на воената агресија на Русија во Украина, премиерот Ковачевски посочи дека Северна Македонија, како земја членка на НАТО, целосно ја усогласи својата политики со Алијансата и со ЕУ, ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави, земји членки на ЕУ.
Двајцата соговорници исто така разговарале и за учеството на нашата држава во повеќе регионални проекти поддржани од ЕУ, особено во делот на соработката во енергетиката како што е интерконекторот за гас со Грција, гасната централа во Александропулос и гасното поврзување со Србија и Косово, кои се поддржани од средства од Економскиот инвестициски план на ЕУ.