Премиерот Димитар Ковачевски денеска одржува редовна средба со лидерите од владината коалиција на која ќе ги информира за посетата на САД, искажаната поддршка за земјава и реформите за продолжување на европскиот пат.

Во пресрет на средбата Централниот одбор на СДСМ синоќа ги повика сите политички и општествени чинители во македонското општество на обединување околу европската иднина и продолжување на европскиот пат.

ЦО на седницата донел заклучок дека како одговорна и државотворна партија се што е до СДСМ ќе биде направено за да продолжи напредокот кон ЕУ и го задолжил Ковачевски да ги спроведе сите неопходни разговори и чекори, за Македонија да го продолжи европскиот пат, информираше портпаролката Богданка Кузеска, потенцирајќи дека членовите на раководството, пратеничката група, избраните и именуван носители на јавни функции од СДСМ, се на располагање и по потреба ќе бидат вклучени во процесот.

Иако свесен дека напуштањето на владината коалиција нема да донесе тектонски промени, лидерот на Достоинство Стојанче Ангелов е разочаран од СДСМ што пратениците од оваа партија не ја искористиле можноста да ја исправат големата неправда која им е нанесена на македонските бранители од 2001 година така што ќе гласаа ЗА Предлог-законот за дополнување на Законот за бранители.