Владата не ги повикала истражителите на САД во земјата, потврди денеска премиерот Димитар Ковачевски, наведувајќи дека тој немал средба со нив и дека се работи за активности на Американската амбасада во земјава.

-Прво, Владата немала никогаш донесено одлука ниту пак имало потреба за тоа да повикува истражители. Значи не постои таква одлука, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ги повикала истражителите на САД, како што кажа министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Ковачевски рече дека немал средба со тимот истражители којшто беше најавен од страна на Амбасадата на САД, така што не може да каже никакви детали во однос на нивната работа.

Посочи дека доколку се погледне Стратегијата на САД за борба против коруцпијата од 2021 таму многу јасно се наведени опасностите по економијата и по начинот на живот и начините како оваа држава се справува со корупцијата во својата држава, но и кај држави кои ги смета за свои стратешки партнери. Во рамки на тоа, вели Ковачевски, е и одговорот на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Односно дека ние имаме стратешки дијалог со САД во рамките на кој добиваме помош години наназад преку финансиска, материјална, кадровска помош во знаење во унапредувањето на нашите институции. Овие активности се дел од активностите на Амбасадата и, како што кажа и вицепремиерката, не се работело за некакво барање туку дека тоа е дел од работата на САД во справувањето со корупцијата, унапредувањето на владеењето на правото, во земјите за кои ги сметаат за стратешки партнери, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговиот телефонски разговор со Дерек Шоле, советник на државниот секретар на САД Ентони Блинкен, рече дека станало збор за самитот ЕУ – Западен Балкан којшто се одржа во Тирана за што тој сакал да ги слушне неговите видувања на заклучоците од самитот. Потоа, се разговарало за регионалната ситуација во однос на земјите од Западен Балкан, за идното наше претседавање со ОБСЕ,  како и за справувањето со енергетската криза и тоа на конкретни и детални теми во делот на производство на електрична енергија во Северна Македонија, на расположивост на капацитети и како функционираат постојните капацитети што се изградени уште во времето на Југославија.

-Потоа разговаравме за енергетската диверзификација и транзиција, односно за конкретните проекти што Владата ги има, а тука, пред се, разговаравме за новиот гасоводен интерконектор Грција – Северна Македонија за што вчера донесовме уште две одлуки, како и за проширувањето на капацитетот на постојниот интерконектор преку Бугарија во којшто секако помош имавме и од нашиот стратешки партнер за да се случи тоа. Разговаравме и во делот на финансирањето на буџетот за идната година со оглед на тоа дека буџетот на Северна Македонија има предвиден дефицит така како што е веќе помината и амандманската расправа и имаме одредени од минатото задолжувања коишто треба да се рефинансира така што тоа беше предмет на разговорот, рече Ковачевски.

Дел од разговорот бил и за владеењето на правото и борбата против корупцијата, а тие разговарале за скрининг процесот што се одвива во ЕУ, Поглавјето 23 – владеењето на право.

-Разговаравме во однос на заклучоците, односно на наодите коишто ќе бидат најдени во тој скрининг да бидат високо на агендата на Владата во делот на унапредувањето на владеењето на правото и штом ќе дојдат резултатите од скринингот тогаш ќе можеме да направиме и акциски план и секако да добиеме поддршка и од нашите стратешки партнери, а сигурно такви се и САД, рече Ковачевски на прес-конференција во Владата.  (МИА)