Руската агресија врз Украина е недозволиво кршење на меѓународното право. Воените напади врз Украина од страна на Руската Федерација и злосторствата од руски сили врз цивилното население, најостро ги осудуваме. Република Северна Македонија, затоа се постави стопроцентно на линија на политиките на Европската Унија, во однос на војната во Украина и се приклучивме на сите рестриктивни мерки и санкции кон Руската Федерација. Придружувањето кон активностите и политики на ЕУ и на демократскиот свет, за нас значи застанување на вистинската страна – во вистински момент.

Ова денеска го порачал премиерот Димитар Ковачевски, кој онлајн се обрати на самитот на Меѓународната платформа за Крим.

– Тука сум да ја потврдам силната и недвосмислена поддршка од Република Северна Македонија: на обединувачкиот карактер на Украина, на нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, како и на неповредливоста на нејзините граници, истакнал Ковачевски.

Тој, како што соопшти владината прес-служба, посочил дека со учеството на министерот за надворешни работи Бујар Османи, на основачкиот самит на Кримската платформа, лани, на овој датум, Северна Македонија јасно и без задршка ја реафирмирала заземената позиција на страната на заштитата на меѓународното хуманитарно право, со заложба за почитување на нормите коишто ги штитат човековите права, предвидени во резолуциите на Генералното собрание на Обединетите нации и во одлуките на други меѓународни организации.

Премиерот констатирал дека година по основањето на Меѓународната Кримска платформа се покажуваат исправни обединетите напори да се застане заеднички на патот на растечките безбедносни закани.

Оваа платформа, додал премиерот, е резултат на тие обединети напори, но и на солидарноста меѓу членките на Европската Унија и на НАТО и добро што е правилно сфатена пораката на демократскиот свет.

– Заедно сме и обединети и во заложбите да се спречи понатамошно кршење на човековите права во Украина, со цел заштита на украинскиот народ и на Украина, од окупацискиот режим. Ова покажување сила, на една географски поголема држава, врз една географски помала држава, определена да споделува демократски вредности, е опасен и недозволив пример, што не смее да стане пракса. Пушките и тенковите мора да останат во историјата. Дипломатијата и пенкалата се средствата за разбирање на дијалошките маси во 21 век, бидејќи, да мирот е најмоќното оружје на човештвото, нагласил Ковачевски.

Тој посочил дека прекинот на војната во Украина нема да ги врати жртвите, но прекинот на војната – ден порано, ќе спречи нови жртви и ќе даде шанса за рехабилитација на економиите.

– Република Северна Македонија, како членка и иден претседавач со ОБСЕ, останува целосно ангажирана кон поддршката на напорите – мултилатерализмот да го надмине милитаризмот. Како премиер на Република Северна Македонија би сакал да потврдам дека ние остануваме посветени на поддршката на Украина и украинскиот народ и во оваа прилика се придружувам на повиците кон Руската Федерација да ја запре веднаш неиспровоцираната и неоправдана инвазија и да се воздржи од понатамошни воени дејствија во цела Украина. Иднината на светот зависи од тоа што го прави денес, а светот – тоа сме сите ние, тоа се сите држави, без исклучок, порачал Ковачевски.

На вториот самит на Меѓународната платформа за Крим, покрај премиерот Ковачевски учествуваа и министерката за одбрана Славјанка Петровска и заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.

Ковачевски на самитот се обратил пред претседателот на Украина, Володимир Зеленски, премиерот на Украина, Денис Шмигал, претседателот на украинскиот Парламент, Руслан Стефанчук, претставници од Крим, лидери на земјите учеснички во иницијативата „Меѓународна Кримска платформа“ и лидери на држави и влади на земји членки на НАТО и на ЕУ, меѓу кои претседателот на Франција, Емануел Макрон, премиерот на Канада, Џастин Трудо, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, канцеларот на Сојузна Република Германија, Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претставници од други држави од светот.