Владата е на страната на работниците – покачувањето на минималната плата ќе биде исполнето, напиша денеска на својот фејсбук профил премиерот Димитар Ковачевски.
Отворениот социјален дијалог со сите засегнати страни, порачува, е она кое ќе не одведе до најсоодветното решение кое е во интерес на работниците.
– Очекувам уште утре да имаме решение за покачување на минималната плата. Како што ветив, ефикасно ќе ги решаваме сите прашања во интерес на граѓаните и ќе ги исполнување ветувањата. Тоа е принципот и духот во кој ќе се решаваат сите прашања кои целат кон подигање на животниот стандард на граѓаните, пишува Ковачевски.
Претходно од Сојузот на синдикатите на Македонија преку соопштение и порачаа на Владата одлучно да застане на страната на работниците и да го стави синдикалниот предлог за минималната плата од 18.000 денари и скалесто зголемување на останатите плати на гласање на Економско социјалниот совет и да го поддржи.
-ССМ е веќе во штрајк поради немање слух од работодавачите и срамните предлог решенија кој ги вадат на секој ЕСС за да купуваат време кое ние го немаме! “ наведоа од ССМ и повторно предупредија дека доколку во четврток во Собранието не се изгласа предлог законското решение од ССМ ќе почнат со штрајк, односно блокади на фабрики, економски зони, патишта.
На втората средба што се одржа завчера во Владата за минималната плата не беше постигнат договор откако Синдикатите останаа на барањето таа да изнесува 18.000 денари и да има скалесто зголемување на сите останати плати, а дел од работодавачите изнесоа предлог да се субвенционира зголемувањето на минималната плата.
Разговорите, според најавите, треба да продолжат откако утре на седница на Економскиот совет на Владата ќе биде разгледано се за што е разговарано досега, како и најновиот предлог на Бизнис конфедерацијата да се субвенционира дел од зголемувањето на минималната плата.