Нема поголема глупост од границите на Балканот тие се само извор на корупција и ништо друго, изјави премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција со српската премиерка Ана Брнабиќ при посетата на македонска владина делегација на Белград.  Според него регионот треба да функционира како Европската унија која се базира на слобода на движење.

„Нема поголема глупост од границите на Балканот. Ние сме биле држави кои меѓу себе единствени немале граници. А сега сме единствени кои меѓу себе имаат граници. Значи ако излезете на север од овде на Хоргош на само 200 километри од тука, граници нема до Скандинавија. На нас не ни требаат граници. Јас Западниот Балкан го замислувам како регион без граници, интегриран во Европската унија“, вели Димитар Ковачевски.

На посетата во Белград министрите за внатрешни работи Оливер Спасовски, за економија Крешник Бектеши и транспорт и врски Благој Бочварски потпишаа и меморандуми за унапредување на соработката во овие области. Конкретно во делот на граничната контрола договорено е побрз проток на стоки и патници за 50 проценти.

„Се работи за зголемување на протокот на возила и на луѓе на граничниот премин Табановце – Прешево, прво преку зголемување на бројот на ленти физички, зголемување на бројот на службеници кои што ќе работат на спроведување на контролите и трето преку воведување на софтвер кој што софтвер ќе значи само една контрола на пасошот на патниците на граничниот премин а не две контроли како што во моментов има“, вели Ковачевски.

Беше потпишан и меморандум за патниците од Србија да можат со ТАГ инсталиран уред да поминуваат на сите патарини во земјава а истото ќе важи и за македонските патници во Србија. Српската премиерка Брнабиќ говореше и за унапредување на трговската размена.

Македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски имаше средба и со српскиот претседател Александар Вучиќ на која беше констатирано дека двете земји имаат динамичен политички дијалог, економска и трговска соработка и немаат отворени прашања.