Премиерот Димитар Ковачевски на пресконференција од клубот на пратеници пред неколку часа повторно си ја потопи сопствената партија, и тезите кои секојдневно ги лиферуваат. Премиерот беше дециден дека не разговарал со никого за уставни измени, ниту пак некој убедувал, а со тоа практично потврди дека нема пратеници за уставни измени.
-Јас никогаш во живот, ниту сум правел списоци, ниту сум разговарал поединечно со некого, да во нешто го убедувам. Јас секогаш моите ставови ги кажувам јавно, било да е на парламентарна говорница, било да е во пресцентарот на владата или тука во клубот на пратеници. Сметам дека опозицијата треба да се одважи овој пат, бидејќи за нив е непријатно да не учествуваат во ниту една голема одлука во државата, кажа Ковачевски.
Од друга страна од неговата партија во соопштение испратено вчера до медиумите напишаа:
-Јасно е дека во ВМРО-ДПМНЕ има поединци, пратеници, претставници на раководството кои не мислат како Мицкоски и кои искрено, од срце сакаат земјава да го продолжи патот кон ЕУ. Сакаат да бидат дел од проевропскиот блок. И тие поединци мислам дека многу брзо ќе го остават Мицковски на последната станица и ќе продолжат на возот кон Европа.
Се создава впечаток во јавноста дека или премиерот е неискоординиран со сопствената партија или пак станува збор за неуспешни обиди на Ковачевски, кои завршиле со ладен туш од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено во изјава за медими лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на 9 април годинава во однос на тоа прашање кажа дека има притисоци, но дека ниту тој ниту ВМРО-ДПМНЕ како цело нема да попуштат. Неговата изјава по однос на таа тема ја пишуваме во продолжение во целост.
-Видете дека притисоци има, има ова не е бајка, јас не можам да ви кажам дека нема притисоци, и секој оној кој што се нафатил со оваа работа треба да е свесен дека има притисоци, и треба да е свесен дека има моменти кога треба да се спротивставите на тие притисоци со аргументи. Мојот пристап е да се спротивставам на тие притисоци со аргументи и така и ќе продолжам до сега не сум слушнал аргумент кој што ги победува аргументите кои што јас ги презентирам. Не дека сум јас надмен човек, туку едноставно во животот треба да имате и елементарна логика, моите аргументи се елементарна логика и тие се јавно познати. Ако некој мисли дека со притисок нешто кај мене ќе постигне се лаже, такво нешто нема да се случи. Јас сум свесен дека тоа ќе продолжи и понатаму. Но ќе повторам промена на Уставот во овој парламентарен состав нема да има. свесен за политичката цена која што можеме да ја платиме излеговме во јавност дадовме предлог, а тоа е хрватскиот модел на уставна преамбула, и рековме еве го прифаќаме, ајде господа повелете да видиме кој е европеец кој не е европеец. Ги извадивме на чистина, на виделина излегоа сите лаги сите клевети колку е Ковачевски европеец, колку е Пендаровски Стево европеец, колку е Али Ахмети европеец и останатите на чистина ги извадивме јавноста можеше да ги види . И тука завршува се, истакна Мицкоски.
Кога ќе се погледне од дистанца се чини дека сепак Ковачевски полека сфаќа дека уставни измени нема да се случат, затоа што ВМРО-ДПМНЕ се изразито против истите, и сега само ја спасува сопствената кожа, па по примерот на неговиот претходник само што не се заколнал.