Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува со оглед на тоа дека одлуки на Уставен суд се конечни. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за проценти кои се зборуваа во јавноста, се работи за шпекулации во најголем дел, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Досегашното замрзнување на основицата, како што посочи премиерот, беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставниот суд.
Со одлука на Уставниот суд практично се укинува. Во мислењето што го дава Владата до Уставниот суд, во последниот став се вели „Согласно напред наведеното Владата на Република Македонија смета дека оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија Службен весник бр. 97/10 и член 1 од Законот за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија Службен весник бр. 139/14 не е во несогласност со членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 32, став 3 и 51 од Уставот на Република Македонија – образложи Ковачевски.
Со ова, според него, се потврдува дека Владата останала на своето мислење како и претходно во однос на тоа платите да останат такви какви што се.
Уставниот суд ги укинува овие одредби од Законот и со тоа основицата за пресметување на плата се пресметува според Законот без оние ограничувања кои постоеле досега. Доколку Уставниот суд на пример ги поништеше овие членови, бидејќи се две различни форми, тоа ќе значеше дека на сите избрани и именувани функционери изминатите 11 години ќе требаше да им се исплатат разликите во плата со се камати што ќе беше трошок на Буџетот од 100 милиони евра – додава Ковачевски.
МТСП, како што кажа, во рамките на своите овластувања има дадено негативно мислење на иницијативата за промена на членовите од Законот за плата и други надоместоци до Уставниот суд со кое го потврдува ставот дека закононското решение за плати не треба да се менува. Намерата на Владата, вели тој, била и се уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството.
Иако основицата за пресметувања плата согласно одлуката се зголемува, Владата работи на изработка на нов закон за плати во кој ќе се стави конзистентност во исплатата на палти за сите функционери во државата, бидејќи и денес постои неконзистентност во исплатата на плати на фунцкинерите. Има акционерски друштва во државна сопственост, регулаторни тела, има разни агенции кои пресметуваат плата согласно друга методологија и чии плати на директори, на членови на УО се неколкукратно поголеми од платата на пример пратеник во Собрание и исто Владата веќе работи на изработка заедно со синдикатите преку економско-социјален дијалог на нов општ колективен договор кој ќе ги регулира платите во делот на работниците – рече Ковачевски.
Прашан дали ќе ги донира парите од покачувањето на платата, Ковачевски нагласи дека не сака да прави ПР од тоа.
Јас досега имам многу пати донирано, имам голем број благодарници од различни организации каде имам донирано и како физичко лице и како претставник на правно лице, но никогаш со тоа не сум правел ПР, сепак сметам дека доколку на некој му донирате тоа го правите со добра волја со цел на некого да му помогнете, а не од тоа да направите ПР за себе си. Така ќе правам и во иднина, а за блиска иднина подготвуваме нешто со моето семејство за една здравствена клиника – рече Ковачевски.