Силната политичка волја за реформи кои ги трансформираа институциите во вистински сервис на граѓаните, останува меѓу нашите врвни приоритети. Градиме нова политичка култура која ќе биде принцип на владеење не само сега, туку и во иднина, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски на конференцијата по повод десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија.
Како што истакна Ковачевски, концептот на отворена власт овозможи испорака на квалитетни услуги и ја зголеми довербата кај граѓаните, а Владата ја направи потранспарентна и поодговорна.
Премиерот напомена дека земјава од последното место во 2016 година во регионот, се искачи на првото во однос на транспарентното владеење и таму е уште, веќе три години.
-Остануваме максимално посветени на принципите на отворена власт. Овој концепт е веќе проширен, го прифатија и општините и Собранието и судката власт што е наш сеопфатен придонес во владеењето на правото. Да се биде на последно место во 2016 година во регионот, да се стигне потоа на прво и да се остане на врвот три години по ред, значи работа, посветеност и одговорност, потенцира Ковачевски.
Тој се осврна на досегашните четири акциски планови преку кои се спроведени над 50 мерки и активности за правата на граѓаните и за подобрување на нивниот статус.
-Ги доближивме институциите до граѓаните, граѓаните ги вклучивме во креирање на политиките. Овој концепт имаше огромен придонес за земјата да се трансформира од заробена држава во отворено општество, нагласи Ковачевски.
Премиерот ги спомна и Отворениот трезор преку кој се намалува корупцијата и се зголемува довербата кај бизнис заедницата, како и дигитализацијата, процес кој, како што рече, е во интерес на сите.
Пред присутните се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
На конференцијата ќе биде промовиран петтиот Национален акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023 со што воедно се одбележуваат десет години Партнерство за отворена власт во Северна Македонија.
Конференцијата е во организација на МИОА, Фондацијата Отворено општество – Македонија, Центарот за граѓански комуникации и Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, кои партнерски го спроведуваат проектот „Поддршка на процесот за спроведување и следење на Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт 2021-2023“.