Гоце Делчев беше лидер на идејата за независна македонска држава којашто ја споделуваа прогресивните сили на целиот тогашен Балкан, а неговите идеали и заложби остануваат и денес наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја, порача премиерот Димитар Ковачевски по повод 119 годишнината од смртта на македонскиот револуционер.

– Денеска, на денот на загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, ги чествуваме неговиот живот и дело како инспиратор и двигател на македонската револуционерна организација и оддаваме почит кон неговиот историски придонес за остварување на историската идеја за правото на Македонците да го остварат вековниот сон за своја самостојна држава, објави на својот Фејсбук профил премиерот Ковачевски.

Неговата порака, вели Ковалевски, за светот како поле за културен натпревар меѓу народите до денес не изгубила од својата актуелност и го вбројува Делчев во редот на светските хуманисти.

– Како инспиратор и водач на македонската револуционерна организација, Гоце Делчев секогаш повикуваше на единство на сите граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или политичка припадност во политичките предизвици за создавање на самостојна држава, објави Ковачевски, по повод 4 мај, денот на смртта на Гоце Делчев.