Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека ги охрабрува студентите, вработените на универзитетите и факултетите и сите граѓани да пријавуваат незаконски активности.
Поводот за нејзината реакција е истрагата што ја отвори Министерството за внатрешни работи за вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип поради сомнителни манипулации со оценки и испитни бодови.
„Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но битно е дека МВР и правдата функционираат. Човекот е откриен, се води истрага и понатаму ќе ги сноси сите консеквенции за нелегалните активности што ги направил“, изјави Јаневска.
Таа се осврна и на дигиталната поставеност на високообразовните институции и потребата од институционална превенција по настанот за промоција на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026 – 2030.
„Системите на факултетите се електронски, меѓутоа секогаш има човек што работи на тој систем. Секогаш може да се случи незаконско дејство, но важно е дека ние сме успеале тоа да го откриеме. Важно е да го спречиме и да им пратиме порака на другите кои би помислиле дека може такво нешто да направат, да се откажат од тоа. Не е прв случај во кој имаме пријави. Секаде каде што сме имале пријави, ДПИ постапува и имаме и неколку случаи за кои се водат судски постапки, ќе видиме како ќе завршат. Овде ДПИ нема зошто да постапува, полицијата постапува“, додаде Јаневска.
Панче Тошковски потврди дека полициските сектори презеле опсежна акција по конкретни сознанија за прекршување на законот од страна на вработен на штипскиот универзитет.
„Лицето се сомничи дека спротивно на законот вршело одредени дејства за корекција на оценки на студенти на Универзитетот за што постојат соодветни докази што му даваат право на МВР, по наредба на Јавното обвинителство, да ги преземе чекорите што ги презеде. Најдовме и одредени докази во таа насока, така што се надевам дека во преостанатиот дел од процесот ќе се докаже теоријата на случај што ја изнесе Обвинителството во соработка со Министерството за внатрешни работи“, истакна Тошковски.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал, по судска наредба на Основното јавно обвинителство Штип, извршиле претреси на повеќе локации во Штип и Скопје поради кривични дела за злоупотреба на службената положба и овластувањето и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем против раководителот на информатичкиот сектор Р. Т.
Според првичните информации, случајот го пријавиле странски турски студенти, слично како претходниот случај кога универзитетска професорка беше фатена со обележани пари за давање преодна оценка на испит.
Истрагата ја потврдија и раководните лица од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, при што Ректоратот потенцираше дека одржува нулта толеранција кон коруптивните дејства и овозможува целосна соработка со обвинителството и МВР за целосно расчистување на случајот.
