Предлогот за дополнување на Уставот е наш, македонски, поддржан од Европската унија и нашиот стратешки партнер САД. Тој има само една единствена релација и мотив, влез во ЕУ. Тоа што го бараат и очекуваат мнозинството граѓани во државата, ништо повеќе, ништо помалку, порача премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање пред пратениците на пленарната седница за уставните измени.
Ако ја погледнеме вистината во очи ќе видиме дека на македонски јазик се говори и пишува во Брисел, а поддршка има и во Берлин и Вашингтон. Се случи се спротивно на заговорот на домашните политиканти. Никој не е загрозен, никој не е нападнат, напротив станавме посилни, поцврсти и зад нас стојат најголемите и најсилните сојузници – порача премиерот.
Во неговото обраќање, тој додаде дека со цела одговорност ги отфрла лажните и невистинити тези дека постои диктат од кој било, за што било, бидејќи предложените уставни измени се однесуваат единствено на додавање народи, а македонскиот народ останува уникатен и засебен.
Секој разумен и добронамерен човек знае и гледа дека конкретниот предлог нема негативно да се огласи на идентитет на државата. Најважно од се, уставните измени не загрозуваат ниту едно македонско идентитетско прашање. Предлогот не задира и не се однесува на кое било идентитетско прашање и тоа е целосно јасно на сите во државата и затоа денес кога ќе ги погледнете улиците на Скопје и сите други улици ќе видите дека се е мирно и граѓаните очекуваат одлука за својата европска иднина – истакна премиерот.
Ковачевски порача дека денеска ќе стане јасно кој сака да ја види државата во ЕУ, а кој ја блокира европската иднина на граѓаните на денешните и идните генерации.
Со 70 гласови „за“, 47 против и ниту еден воздржан на собраниската седница за уставните измени усвоен е предлогот на дневниот ред, односно точката за пристапување кон уставните измени.
Седницата започна со задоцнување од повеќе од еден час, а пред почетокот имало координација на партиите при што било договорено на седницата да се обраќа по ецден, а другите пратеници да не се јавуваат за збор.