Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Гранада, Шпанија во рамките на Самитот на Европската политичка заедница се сретна со премиерот на Холандија, Марк Руте.

На средбата беше истакната поддршката на Холандија која е меѓу најголемите билатерални донатори на Северна Македонија и во континуитет помага во реформите на повеќе сфери во нашата земја, како почитување на човековите права, демократија, владеење на правото, реформи во судството, јавната администрација, заштита на маргинализираните групи во општеството.

Премиерот на Холандија, Марк Руте на средбата истакна дека Северна Македонија стигна многу далеку во процесот и мора да го направи последниот чекор, за што побрзо членство во ЕУ. Изрази благодарност кон премиерот Ковачевски за поддршката и усогласеноста на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и поддршката за Украина. Руте му се заблагодари на Ковачевски што Северна Македонија е стриктна во примената на визната политика.

Премиерот Ковачевски изрази благодарност до Холандија за заложбите во градењето на независни институции во Северна Македонија, кои се столб на секоја европска демократија.

Двајцата премиери разменија мислења околу евроинтеграциите на Северна Македонија, објективниот пристап на Холандија во оценувањето на критериумите за пристапување на нашата држава во Унијата создава дополнителен импулс за Северна Македонија во давање резултати и ја потврдува посветеноста на Владата на реформската агенда на земјата за побрзо членство на Северна Македонија во Европската Унија.