Нема пропусти во третманот на 17-годишниот Анес Абдуловски, момче со аутизам, при неговото лекување во Психијатриската болница Демир Хисар, констатираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Од таму потврдија дека за време на неговиот престој, тој бил фиксиран и врзуван, но не со синџири, туку со кожни и платнени фиксатори поради неговата изразена агресија, посебно кон женскиот дел од пациентите во установата. Од адолесцентното одделение бил префрлен на акутниот машки оддел во соба за фиксација на пациенти со насилничко однесување, но ДСЗИ не констатираше прекршувања.

„Овие фиксатори се наменети за пациенти кои се агресивни и не станува збор за синџири кои беа изнесени во јавност. Постојат кожни и платнени фиксатори, дозволени се според упатство од медицина базирана на доказ. Се користат за пациенти со агресивно и насилничко однесување“, изјави Рената Младеновска директор на ДСЗИ.

Од психијатриската болница потврдија дека во одредени ситуации е неопходно физичко ограничување. Стручната фела е категорична дека фиксирањето и врзувањето на деца со аутизам е со децении напуштена и инквизиторска метода.

„Тоа се инквизиторски методи коишто се својствени за 19-от век. Во медицината одамна е напуштено фиксирањето и врзувањето за кревет. Децата со аутизам воопшто не смее да бидат тепани. Со такво агресивно однесување, ние можеме да ги внесеме нив во психотизација. Колку и да било агресивно тоа дете, постојат други методи во смисла на медикаментозна терапија, седативи за тоа дете да се смири. А, никако да се фиксира за кревет, да се врзува или да се тепа“, смета проф. д-р Владимир Трајковски од Институт за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ

Иако народниот правобранител во последниот извештај од јуни годинава потврди дека во Психијатрската болница во Демир Хисар има опрема за врзување на пациентите, односно затекнати биле метални синџири со катанци, ремени и кабли и ја потенцираше забраната за тортура на пацинетите, инспекторите при нивните надзори никогаш не затекнале такви предмети, тврди Младеновска.

„Од сите досегашни наши надзори, редовни и вонредни, не сме виделе во психијатриските болници предмети за измачување на пациентите“, вели Младеновска.

Преземено од Телма.