Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на 77. Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк, денеска се сретна со Дерек Шоле, американски советник за надворешна политика и автор, кој моментално работи како советник на Стејт департментот на САД.

На средбата, на која присуствуваше и министерот за надворешни работи Бујар Османи, е потврдено стратешкото партнерство меѓу САД и  Македонија. Потенцирано е дека  Македонија напредувала од земја која тежнеела да стане членка на НАТО, до сигурен, еднаков и способен сојузник.

На состанокот, како што соопшти владината прес-служба, Ковачевски и Шоле дискутирале за актуелните проекти за енергетска транзиција и животната средина. Двете земји ја повториле посветеноста во услови на светска енергетска криза за зголемување на енергетската диверзификација.

Дискутирале и за важноста САД и Македонија да ја прошират соработката и во доменот на образовните, културните и професионалните размени.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за континуираната поддршка на САД, кој од 2019 година има инвестирано речиси 60 милиони долари во индустријата, инфраструктурата и иновациите.