Премиерот Димитар Ковачевски во пресрет на свечената церемонија на започнување на реализацијата на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, оствари средба со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат, како и со амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мари Брнз.
На средбата присуствуваа и министерот за животна средина и енергија на Република Грција, Костас Скрекас, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши.
На средбата со фокус на енергетско-економските иницијативи, премиерот Ковачевски изрази благодарност за севкупната поддршка што Северна Македонија ја добива од САД во континуитет како и за важноста од стратешкиот енергетски проект за целиот регион.
Ковачевски и Пајат разговараа за важноста од развојот на регионалниот енергетски проект „Александруполи“ со што се отвора можноста за сигурно и безбедно снабдување со природен гас од различни добавувачи, диверзификација на изворите и пат за Северна Македонија и регионот да станат енергетски независни.
Премиерот Ковачевски ги информираше амбасадорите Пајат и Брнз за актуелните економски процеси во Северна Македонија, за сите актуелни мерки кои Владата ги презема за ублажување на последиците од енергетската криза, предизвикана од воената агресија врз Украина како и за плановите за економски развој на среден и долг рок со фокус на инвестициите во успешна енергетска транзиција.
Амбасадорот Пајат изрази силни заложби за интензивираното стратешкото партнерство, за важноста на денешниот настан на почетокот на изградбата на терминалот за течен природен гас во Александруполи, кој претставува уште еден огромен придонес во јакнењето на регионалната соработка и во градењето на добрососедски релации.