Премиерот Димитар Ковачевски смета дека за уставните измени политичките партии треба да седнат на маса и да разговараат за да може да се дојде до прифатливо решение. Веќе сите политички партии, според Ковачевски, имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои биле изрично против.

– Добро е дека се разговара за уставните измени, гледате дека се отвори диксусија, сметам дека тоа треба да биде процес кој се одвивал како и до сега, низ процедура која е пропишана согласно нашите закони. Штом ќе биде отворена таква процедура, кога ќе се види дека има волја, практично консензуална волја тоа да се направи а гледам дека сите политички партии веќе имаат позитивен однос кон уставните промени, па дури и оние кои беа изричито против, сега кажуваат дека врз основа на одредени услови би поддржале уставни промени. Сметам дека треба да се седне на маса. Сите политички партии да ги кажат своите претпоставки и својот став во однос на уставните промени и да може на крајот да се дојде до решение кое би било нормално прифатливо за сите, изјави Ковачевски, по изјавите од Алијанса за Албанците и Беса формулацијата 20 проценти во Уставот да се замени со „албански јазик“.

Прашан дали ќе седне на разговори и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, премиерот истакна дека е нормално да има средба со лидерите на сите политички партии секогаш кога ќе има прашање од интерес за сите граѓани.

– Со Мицкоски се видовме кога беше францускот предлог, сега за енергетската криза, и тоа е една нормална комуникација помеѓу претседатели на парламентарни политички партии. Нормално дека ќе се видиме секогаш кога ќе има прашање кое е од интерес за сите граѓани, како што се гледаме и со претседателите на другите политички партии, рече Ковачевски.

Прашан дали има понуда за Алијанса за Албанците да биде дел од Владата или разговор со нив, рече дека тој нема разговор со која било партија во однос на вклучување во Владата и не може да даде потврден одговор.

Премиерот вели дека нема никакви сознанија за аферата што ја објави вчера ВМРО-ДПМНЕ за тајни имоти на владини функционери, но порача сѐ што имаат како индикации да го достават до Антикорупциската комисија.

– Секој функционер е должен сѐ она што го има стекнато во текот на својот живот да го пријави во својот анкетен лист исто како што сум направил јас, рече премиерот Ковачевски.