Никогаш не сум го запознал претседателот на Врховниот суд во капацитетот на својата дејност, бидејќи се одвоени извршната и судската власт. Доколку кој било бил под притисок од кого било, тоа треба да го каже со име и презиме.

Ова го изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, како одговор на новинарско прашање за вчерашната порака на амбасадорот на Кралството Холандија во земјава, Дирк Јан Коп, која ја упатил на средбата со лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, дека е неприфатливо несоодветно политичко влијание врз позицијата на претседателот на Врховниот суд.

„Во ред е ставот на амбасадорот. Но, сметам дека ако има притисок, тој треба да се каже со име и презиме“,рече Ковачевски.

За коментар за падот на владеењето на правото, нешто што го потенцира и амбасадорот Јан Коп, Ковачевски упати да се прашаат тие што се задолжени за владеењето на правото.

Јан Коп и досега не се воздржуваше од директно и остро обраќање, невообичаено за дипломатијата, на Ахмети му пренел дека постојаниот пад на владеењето на правото ја доведува во прашање посветеноста на Северна Македонија за членство во Европската Унија.